За апанажата „се крена ли многу врева за ништо“ има дилема професорката по право, екс министерката за правда, Рената Дескоска, откако Уставен суд вчера го укина членот 22 од Законот за плати и други надоместоци за избрани и именувани лица, а со кој се укинува правото на апанажа за функционерите кои пред истекот на мандатот ќе поднесат оставка или ќе бидат разрешени.
Дескоска на Фејсбук пишува дека одлуката на Уставен суд силно одекна во јавноста.
„Пратеник кој за време на вршењето на пратеничката функција остварувал плата или надоместок на плата во месечен износ во Собранието, функционер и раководен работник кој го именува Собранието, односно назначува телото што тоа ќе го овласти претседателот на Република Македонија и Владата кој за време на вршењето на функцијата остварувал плата, може да остварува плата по престанувањето на функцијата за време до една година, и тоа:
– три месеци, ако функцијата ја вршел до шест месеци,
– шест месеци, ако функцијата ја вршел од шест месеци и еден ден до 12 месеци,
– девет месеци, ако функцијата ја вршел од 12 месеци и еден ден до 24 месеци и
– 12 месеци, ако функцијата ја вршел 24 месеци и еден ден и повеќе.
„Значи, остана одредбата од членот 19 кој предвидува апанажа за функционерите на кои им престанала функцијата (по било кој основ), без разлика дали предвремено или по истек на мандатот. Кои се предвремени основи за престанок на една функција? Разрешување, оставка (од било кои причини, лични, здравствени, заради политичка одговорност итн), распуштање на Собранието, избор на нова Влада или по сила на закон (кога ќе настане некоја околност предвидена во законот), како на пример со престанок на мандатот на министерот – претстанува мандатот на државниот секретар (што е лошо решение – видовме парализирани министерства изминатите две недели кога со разрешување на министрите и државните секретари ги изгубија функциите)“ – вели Дескоска.
Таа смета дека член 19 предвидува апанажа и при престанок на мандатот со негов истек и при предвремен престанок на мандатот, без конкретно да наведува или да прави разлика меѓу случаите.
„Останува да ја почекаме објавена одлуката на Уставниот суд и нејзиното образложение, односно како ќе го толкуваат начелото на владеење на правото и дали основ ќе биле уставноста или целисходноста (ова го пишувам бидејќи имав можност да прочитам едно издвоено мислење во кое некои судии аргументираат за наводна (не)целисходност на некои законски одредби, што секако не е надлежност на Уставниот суд). Секако ќе биде интересно да го видиме и постапувањето на органите во првиот случај кога разрешен функционер ќе поднесе барање за апанажа, за да видиме дали нешто практично смени вчерашната одлука или ќе излезе „многу врева за ништо“, вели професор Дескоска.