Пратеникот од единствената македонска партија, Македонска алијанса за европска интеграција,МАЕИ, во албанскиот Парламент, Васил Стерјовски, денеска во Тирана, во просториите на законодавниот дом, се сретна со министерката за правда Рената Дескоска.
Министерката Дескоска најискрено му го честиташе изборот за пратеник и му посака успех во извршување на пратеничкиот мандат.
-Констатиравме дека заеднички интерес на Република Македонија и Република Албанија е унапредување и продлабочување на соработката на секое поле, подобрување на добрососедските односи и интеграцијата во европските структури. Очекуваме земјите-членки на Европската унија на следниот состанок на Европскиот совет во октомври да гласаат за започнување на преговорите на Република Македонија и Република Албанија со Европската унија, изјави Стерјовски за МИА.
Посочи дека на средбата станало збор и за положбата и правата на македонската заедница во Албанија.
-Од моја страна ја известив министерката за тековните активности во правец на унапредување на положбата на македонската заедница во Албанија. Исто така, изразив голема благодарност за помошта што ја даваше како министер за образование за студентите Македонци од Албанија кои студиира на универзитетите во Република Македонија, додава Стерјовски.
Инаку ,министерката Рената Дескоска заедно со министрите за правда од Западен Балкан денеска во Тирана учествуваше на Конференција на високо ниво, насловена „It’s all about Justice”, организирана од страна на Министерството за правда на Албанија во соработка со Советот за регионална соработка, каде имаше и свое обраќање.