Министерката за правда Рената Дескоска по обвинувањата од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски дека таа е пречка што законот за јавно обвинителство не е донесен, му порача да си погледне во сопствениот двор и да се праша какви позиции застапува неговата партија во разговорите за законот.
Според неа, денешна изјава на Мицкоски е крик на немоќ, крик на фрустрација, бидејќи вистинската намера на нивните позиции во однос на законот за јавно обвинителство е разобличена.
-Интересно, формалниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денес ме обвини дека јас сум пречка што Законот за јавно обвинителство не е донесен. Лошо е ако Мицкоски има искривена перцепција за реалноста и не знае да ја оцени вистинската состојба на разговорите за законот, ако не е свесен кои се црвените линии за правда и владеење на правото чие почитување го бараат граѓаните, но и меѓународната заедница. Исто така е лошо и ако е свесен за тоа, но не ја зборува вистината, па намерно шири лажни вести. Му порачувам да си погледне во сопствениот двор и да се запраша какви позиции застапува неговата партија во разговорите за законот. Неговата денешна изјава е крик на немоќ, крик на фрустрација дека вистинската намера на нивните позиции во однос на Законот за јавно обвинителство е разобличена и дека барања за заштита на криминалот и амнестија на криминалците нема да поминат, напиша на својот фејсбук профил министерката Дескоска.