Дескоска: Барањата на ВМРО-ДПМНЕ за СЈО се сталинистички

by fokus

Ретроградни и сталинистички, вака ги нарече министерката за правда, Рената Дескоска, барањата на ВMРО-ДПМНЕ по денешната средба, последна пред летните одмори. Според Дескоска, ВМРО-ДПМНЕ бара целосна централизација и престанок на мандатот на сите обвинители со престанокот на мандатот на Јавниот обвинител.

Клучните разлики помеѓу Владата и ВМРО-ДПМНЕ на денешната средба биле само потврдени. Работните групи не успеале да ги приближат ставовите. И овој пат копјата се кршеле за персоналниот состав на идното обвинителство, како и за иднината на предметите што СЈО ги отвори по рокот од 18 месеци.

-Со ваквите барања ВМРО-ДПМНЕ очигледно има за цел да ја намали ефикасноста на обвинителството за организиран криминал и корупција – рече Дескоска по средбата.

Таа додаде дека се надева оти на следната средба опозицијата ќе ги стави државните интереси пред партиските и да ги промени своите барања.

-Бараат целосна централизација, јавниот обвинител Јовески или кој било друг да биде човек со чиј мандат ќе бидат врзани 27 мандати на другите јавни обвинители во државата, па со престанок на неговиот мандат да престане и нивниот мандат. Тоа носи силна централизација и значи парализирање на системот. Околу идниот статус на СЈО исто така има несогласувања. ВМРО бара да дојде до демонтирање на структурата на ова Обвинителство односно на сите да им престане работниот однос и плус се бара предметите кои ги водеше СЈО по истекот на 18 месеци да не бидат надлежност на новото обвинителство – рече Дескоска.

Преговорите ќе продолжат по 15 август.

Поврзани новости