Десетици илјади луѓе во Берлин протестираат против екстремната десница

by Fokus

Десетици илјади луѓе денеска излегоа на протести против екстремната десница во германската престолнина Берлин. Полицијата изброи околу 100.000 луѓе кои се собраа во владиниот округ помеѓу зградата на парламентот и канцеларот. Протести се одржаа и во Минхен и Келн.

Причина за револтот е извештајот на медиумот „Коректив“ минатата недела за наводниот состанок на екстремната десница во ноември, на кој, според наведеното, присуствувале личности од екстремистичкото движење и од партијата Алтернатива за Германија.

Истакнатиот член на Идентитарното движење, австрискиот државјанин Мартин Селнер, ја претстави својата „ремиграциска“ визија за депортации, се вели во извештајот. АфД претходно се обиде да се дистанцира од екстремистичкиот состанок, велејќи дека нема организациски или финансиски врски со настанот, дека не е одговорна за она што се разговарало таму, а членовите кои присуствувале го направиле тоа со лична одлука.

Протестите се надоврзуваат на зголемената вознемиреност во текот на минатата година за големата поддршка на АФД кај германскиот електорат. Партијата е основана како евроскептична во 2013 година и првпат влезе во германскиот Бундестаг во 2017 година. Анкетите сега ја ставаат на второ место на национално ниво со околу 23%, далеку над 10,3% што ги освои за време на последните федерални избори.

Поврзани новости