Десетици деца во земјава со години се исчезнати: Срцето ни изгоре за Петар, ниту чизми, ни било што негово не најдовме цели две години!

by Fokus

Станувам наутро и помислувам на син ми Петар. Каде е, кој го зема, жив ли е, го гледаат ли добро? Легнувам навечер и помислувам на него, се молам да е жив и здрав, да дознаеме што му се случи. Никој не може да ме убеди дека детето ми се изгубило без траг и не може да се најде, јас верувам дека тој е киднапиран – за ,,Фокус” низ солзи раскажува Соња Џобеска.

Настанот со нејзиниот син Петар ја вознемири целата земја. Момчето на возраст од десетипол години исчезна без траг на 25-ти февруари 2022 година, во село Врпско, Прилеп, каде бил со семејството кое таму чувало пчели.

Излегол од дворот, и оттогаш не се знае неговата судбина. Беа организирани масовни потраги со денови, отежнати поради снежното невреме, но момчето не се пронајде. Случајот веќе почна да паѓа во заборав од јавноста, но семејството на Петар вели дека срцата им се изгорени од тој ден.

-Никој веќе подолг период ни се нема јавено од полиција. Барем да ни кажат до каде е истрагата, има ли нешто ново. Петар имаше десетипол години, не беше бебе кога исчезна, каде и да беше во околината, ќе се најдеше досега. Тоа што досега нема никаков траг ми дава за право да верувам дека тој е земен од некого и одведен.

Веќе не знам колку пати ние, целото семејство пребаруваме насекаде во Мариово. Ниту чизми му најдовме, ниту јакна, било што негово не сретнавме никаде, а секаде темелно трагавме.

Со оваа неизвеснот и болка претешко се живее. Имам и други деца за гледање, морам да мислам на нив, додека душата ми крвави за Петар.

Само да знаевме, никогаш немаше да отидеме во Врпско, немаше ништо од ова да доживееме. И сега, што ни преостанува? Самите каде што можевме, баравме. Ние толку можеме, и од институциите очекувавме да ни го пронајдат детето. Македонија е мала земја, туку-така ли може деца да исчезнуваат и по две години ништо да не се знае за нив, во траг да не може да им се влезе?-прашува мајката.

Вели дека го следела случајот со исчезнувањето на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје, и дека во целата таа трагедија, на некој начин утешително е што барем се дозна што се случило со девојчето, додека за Петар, нивната агонија продолжува.

-Злосторници кои киднапираат деца живеат помеѓу нас, ја грабнаа Вања, уверена сум дека и Петар е грабнат од некого. Не знам кој и зошто би го сторил тоа, сила ми дава надежта дека тој е жив, таму некаде…

Ние мир нема да имаме додека не ни се најде детето и не сакаме оваа наша трагедија да падне во заборав, без да дознаме што се случи со Петар и кој стои зад неговото исчезнување – ни изјави Соња Џобеска.

Во околината на Прилеп и во 2009 година се случи исчезнување на дете. Стануваше збор за шест-годишната Ангела Ѓорѓиоска од Дуње, која по шест месеци беше пронајдена мртва во планина. Обдукцијата не покажа како и од што починало девојчето. Во јуни 2022 година во Буково се случи настан, кога од двор на семејна куќа исчезна триипол-годишно дете. По три часа масовна потрага на локалното население, беше пронајдено оставено среде река во шумата, а на возрасните им раскажало дека повозрасен маж го зел од дворот за рака и го однел во шумата.

Тогаш претседателот на Месната заедница Буково, Горан Кабровски, за ,,Фокус” изјави дека родителите на детето, нашинци дојдени на одмор од Германија, нудат награда од 100.000 евра за оној кој има информација која ќе доведе до пронаоѓање на киднаперот.

Инаку, Буково и местата од кои исчезнаа Петар и Ангела се на оддалеченост од околу 30 километри. Во 2013 година исчезна и 14-годишната Маја Блажеска од Лешани, а телото и беше пронајдено по два месеца на Илинска планина. Официјално, починала од премрзнување, но остана енигма кој го однел и оставил девојчето на планината.

Серија на исчезнувања на деца кои до денес не се пронајдени се случи и во 2010 година. Исчезнаа Мирсада Хелдовиќ од Куманово, на пет-годишна возраст, Митат Ибраими од Скопје, на возраст од осум години, Дане Мемеди од Куманово, исчезнат на возраст од четири години.

Во последниве три години, според информации од МВР, во земјава не се пронајдени шест деца помлади од 14 години кои исчезнале. На страницата на МВР за исчезнати лица, објавени се фотографии и од други деца кои изчезнале пред повеќе од три години, додека пак за некои воопшто не се објавени податоци, бидејќи објавувањето на страницата зависело од семејствата, односно тие требало да дадат согласност нивните блиски по кои се трага да бидат објавени со фотографија и основни податоци.

Вики Клинчарова

Поврзани новости