Десет лица загинаа во поплавите на југот на Турција

by Fokus

Најмалку 10 лица загинаа во поплавите во јужна Турција предизвикани од обилните врнежи. Уште најмалку пет лица се водат како исчезнати.

Поплавените подрачја од минатиот месец беа погодени и од разорни земјотреси.

Едно лице загина во градот Тут во југоисточната провинција Адијаман, каде што порој однесе контејнер во кој се наоѓало семејство од земјотресот, изјави тамошниот гувернер Нуман Хатипоглу.

Гувернерот на провинцијата Шанлиурфа, Салих Ајхан за телевизијата ХаберТурк изјави дека четири лица се убиени во регионот.

Спасувачите подоцна пронашле тела на пет сириски државјани во поплавен стан, јави новинската агенција DHA.

Надлежните служби преместуваат и шатори кои се во опасност од поплави, а во кои престојуваат семејства кои останаа без покрив над главата во минатомесечниот земјотрес, пишува Анадолија.

Турската агенција за управување со катастрофи соопшти дека повеќе од десет професионални нуркачи биле вклучени во спасувачките напори во двете провинции.

Во разорните земјотреси што ги погодија Турција и Сирија минатиот месец, повеќе од 52.000 луѓе загинаа, а повеќе од 200.000 згради се урнаа.

Поврзани новости