Голем концерт во Штип, во Дом на млади ќе одржи музичарот Коки Јанков на 15-ти септември, една недела пред 10-годишнината од смртта на неговиот колега Дуле Љубисављевиќ, со кого своевремено беа естрадна атракција која полнеше локали и клубови.
На концертот кој е најавен на страницата на Дом на млади Штип, Јанков и неговиот бенд ќе приределе емотивно патување преку музиката и хитовите на Дуле и Коки, и настанот кој следи е опишан како фантастична музичка приказна.
Токму во Штип, во далечната 1996 година започна приказната на Дуле и Коки, кога за првпат настапија на познатиот фестивал на забавни мелодии ,,Макфест”.
Со „Виолина и гитара” ја освоија публиката и станаа омилено дуо на многу генерации.
„Марама”, „Колку треба да се плати”, „Залудно е да се напијам” и голем број на евергрини останаа зад Дуле и Коки, голем број на учества на фестивали, настапи во познати локали и клубови…
Во Штип, од каде започна нивното музичко патување, го имаа и последниот заеднички настап, во 2011 година со песната „Прв ден во месецот”, и тоа повторно на „Макфест”.
Потоа продолжија секој по својот животен пат, се додека по две години, на 23-ти септември 2013 година во јавноста не проструи веста дека Дуле починал во скопската клиника за интензивна нега, по кратко боледување. Имаше само 38 години.
Коки, кој и денес активно се занимава со музика, ретко зборува во јавност за Дуле. Пред три години, на годишнината од смртта на Дуле, Коки му напишал писмо кое го објави на социјалните мрежи.
-Се ми доаѓа дека од некаде ќе се појавиш, и тоа најчесто ми се случува додека свирам… Можеби дури сега сфаќам дека навистина те нема…
Да знаеш дека не престанувам со музика, иако многу пати ми има дојдено да баталам се, ама има песни кои треба да се пеат и свират. Помладите поим немаат кои биле Дуле и Коки, ама песните ги знаат, на глас – помеѓу другото напиша музичарот во емотивното писмо.
Вики Клинчарова