Десет години од „Црниот понеделник“, потсетник за којшто никој не понесе одговорност

by fokus

Денеска се „заокружуваат“ десет години од 24 декември 2012 година – денот кога пратениците од СДСМ, тогаш во опозиција, беа исфрлени од собраниската сала, заедно со новинарите во галеријата, кога се носеше Буџетот за 2013 година.

До денес никој не понесе одговорност ниту пак се расветлија инцидентите во Парламентот кога од собраниската сала беа исфрлени тогашните опозициските пратеници, но и новинарите кои на денешен ден во 2012 година ја следеа седницата за буџетот.

Тогашната опозиција предводена од СДСМ, инцидентот го прогласи за крај на демократијата во државата.

За тогашната власт предводена од ВМРО ДПМНЕ, пак, тоа беше обид за државен удар. На дневен ред тогаш пред пратениците беше Буџетот за 2013.

СДСМ се противеше со образложение дека буџетот е неразвоен и со високи трошоци за нови проекти од „Скопје 2014“. По повеќе од илјада неприфатени амандмани, партијата обвини дека процедурата за носење на буџетот е целосно нарушена и почна бојкот.

Црниот понеделник заврши со мартовскиот договор, под будното око на меѓународбата заедница.

Се уште останува дилемата дали ако се имплементираа единаесетте препораки содржани во извештајот за настаните од 24 декември -немаше да се случи крвавиот четврток на 27 април. Црниот понеделник беше запишан и во извештаите на меѓународната заедница.

Случајот стигна и до Европскиот суд за човекови права во Стразбур, каде тужби поднесоа новинарите, против кршење на слободата на изразување, а судот пресуди во нивна корист.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во објава на Фејсбук посочува дека 24 декември е сведоштво за „матрицата на насилството и криминалот, за матрицата на ВМРО-ДПМНЕ, која кулминираше со тероризам кон државата на 27 април 2017 година“.

– Но, од оваа дистанца 24 декември е и добар индикатор за тектонските промени од тогаш до денес, особено за времето откако раководам со МВР заедно со мојот тим. Полицијата веќе не е заштитник на криминалот, полицијата е сервис на граѓаните, наведува Спасовски.

Поврзани новости