Единаесет години од смртта на сопственикот на „Фокус“, Никола Младенов – Колку чини слободата?

by Fokus

„Ние сакаме општество на слободни луѓе, тие сакаат збирштина од безрбетници. И тука нема компромис“.

Ова е пораката на трагично загинатиот новинар и сопственик на Фокус, Никола Младенов, која за првпат беше напишана во далечната 2011 година, кога првпат на медиумскиот пазар се појави дневниот весник „Фокус“.

Само две години подоцна, ноќта меѓу 26 и 27 март, 2013 година беше кобна за Младенов, кој животот го загуби во сообраќајна несреќа кај скопската населба Хиподром, а денеска навршуваат единаесет години од неговата трагична смрт.

Граѓаните во текот на целиот ден на социјалните мрежи ја споделуваат неговата мисла за борба за слобода на говорот, која остави длабок печат во македонското новинарство, како што остави и тој со својата долгогодишна новинарска кариера. Врвно новинарско перо, критичар на секоја власт, чиј напишан збор секогаш имаше голема тежина.

ВРВНО НОВИНАРСКО ПЕРО, КРИТИЧАР НА СЕКОЈА ВЛАСТ

Младенов своите амбиции како младо момче најпрвин ги насочува во актерскиот води, кога во далечната 1977 година, како член на Детската радио драма на Радио Скопје ја доби главната улога во филмот „Ослободување на Скопје“ во режија на Слободан Унковски.

Борецот Младенов со своето актерско мајсторство успеал да го одземе здивот на сите кои го следеле престижниот фестивал во Сараево, „МЕСС”, кога и ја освоил и наградата „Златен ловоров венец” за најдобро актерско остварување.

Колегите и познаниците на Младенов тврдеа дека ако не бил голем новинар, ќе бил голем актер. Тој не случајно играл во претстава за ослободување на Скопје, зашто уште од мали нозе се борел за правда и слобода.

Пред да донесе конечна одлука дека новинарството ќе биде негова главна професија, на која и го посвети животот, Младенов својата борба за слобода ја водел преку штиците што живот значат. Неговиот талент за глума и луцидност го привлекувале вниманието на сите околу него, а тие што имале можност да соработуваат со него тврдат дека ширел посебна аура и дека уште во првите актерски точки неговиот талент избил на површина.

ЖИВОТ ПОДАРЕН НА НОВИНАРСТВОТО

Само неколку години подоцна, тој ја пренасочува својата амбиција кон новинарството и почнува со работа како новинар во „Млад борец“. Тој е еден од луѓето што ги воведе плуралистичките правила во македонското новинарство, заедно со својата екипа во „Млад борец“. Прво почна како новинар, па заменик на главниот уредник и кон крајот на 1980-тите станува главен уредник. „Млад борец“ беше предвесник на новинарската пролет во Македонија.

По „Млад борец“ тој го основа радиото „Либертас“, а набргу, во 1995 година почнува со издавањето на неделниот весник „Фокус“, како прв слободен и независен неделен весник во Македонија. Со логото „Неделник на внатрешниот, а, богами, и надворешниот непријател“, „Фокус“, под водство на Младенов станува еден од главните столбови на новото македонско општество.

Тој беше храбар и бескомпромисен, човек со идеја, визија и проекција. Во неговата долгогодишна новинарска кариера не потклекна на ниту една власт, на ниту еден нарачан текст од центрите на моќ, туку секогаш се залагаше за слобода и правда.

Од 2013 година наваму новинарската награда на Македонскиот институт за медиуми го носи името на најдобриот новинар Никола Младенов.

Ирена Мулачка

Поврзани новости