Десет години и шест месеци затвор за Љубе Бошкоски

by fokus

Oсновниот суд Скопје 1, денеска, по втор пат донесе осудителна пресуда за случајот „Ровер“, во кој обвинетите се товареа за двојното убиство на Маријан Тушевски и Киро Јанев, што се случи во 2001 година. На екс министерот Љубе Бошкоски судот му измери казна  затвор од 10 години и шест месеци. Тројцата првообвинети, Предраг Чубрило, Милан Илиќ и Милорад Ковачевиќ  повторно добија казна доживотен затвор, а Вук Вукичевиќ овој пат е осуден на 15 години затвор.

Казни затвор добија и останатите обвинети, кои за разлика од првостепената пресуда се пониски бидејќи овој пат, судот утврди дека ниту кај Бошкоски, ниту кај останатите, не вклучувајќи ги првите тројца обвинети, немало умисла за помагање на убиството на Киро Јанев. Првиот човек на обезбедувањето на Бошкоски, инспекторот Зоран Трајковски доби осум години и шест месеци, по седум добија Сашко Јовановски и Ивица Ристиќ, а по пет години и шест месеци Гоце Митревски и Никола Негриевски.

Обвинетите беа разочарани од добиените пресуди, а додека судијата ја читаше одлуката, Бошкоски му го сврте грбот. Со овој чин сакаше да покаже, како што рече дека не го признава судечкиот совет на чело со судијата Илија Трпков.

Судскиот совет, како и првиот пат, така и сега, повторно остана на ставот дека Бошкоски, како тогашен министер за внатрешни работи, наводно му дал зелено светло на Орце Коруновски за убиството на Тушевски. Наводно ветил дека нема да поведе истрага за убиството, и ќе им помогне на извршителите да избегаат.

Овие тврдења веќе еднаш паднаа во вода, откако Апелација одлучи дека судот не утврдил умисла кај обвинетите, а ниту пак презентирал доволно докази. Ниту во повторената постапка не се смени ништо. Не се приложија нови докази, ниту пак се сослушаа нови сведоци, па затоа се очекува случајот повторно да не добие зелено светло од Аплеација.

Бошкоски во моментот е во затворот „Идризово“ каде што ја одлежува петгодишната казна затвор која му беше досудена за случајот „Кампања“. Тој веќе одлежа три години, па доколку не беше случајот „Ровер“, ќе имаше право да побара помилување или можност за викенди на слобода.

 

Поврзани новости