Десет дена семејството на исчезнатиот велешанец живее во агонија: Сограѓани ни кажаа дека дека го виделе, чекаме да се проверат камерите!

by Fokus

Веќе десет дена семејството на велешанецот Никола Попов Коле (66) нема никаков траг од него. Бил на роденден заедно со сопругата, кога станал, и кажал дека порано ќе си оди, по што не се знае неговата судбина.

Неговата сопруга Македонка во разговор за ,,Фокус” вели дека разговарале со многу луѓе, проверувале на места на кои се сомневале дека би можел да биде, но безуспешно.

Неколку граѓани им кажале дека наводно го виделе наредното утро, по исчезнувањето, како седи на клупа во близина на казино во градот, но снимките од безбедносните камери во казиното се уште не биле проверени.

„Разговарав со надлежни во казиното, прашував дали се проверени снимките од страна на надлежните служби, ми одговорија дека никој не дошол, а тие самите мене не можат да ми ги дадат снимките без судски налог. И сведоците кои тврдеа дека го забележале исто така ми кажаа дека се уште никој не разговарал со нив. Минува времето, во полиција ми кажуваат дека работат на случајот, а нам очигледно ни преостанува да чекаме и да се надеваме дека Коле ќе биде пронајден, дека некој кој има информација ќе ни се јави“,  раскажува сопругата.

Вели дека не било ништо невообичаено нејзиниот сопруг да си тргне дома порано, како што тоа се случило за време на роденденот. Појаснува дека додека биле на роденденската забава, се било во ред со него, се однесувал вообичаено.

„Доколку имаше некаков проблем, ако било кој од присутните имаше некаков сомнеж, немаше да дозволиме Коле да си замине порано. Се беше во ред, немаше никаков знак дека тој би заминал некаде, кажа дека ќе си оди дома. Она на кое се сомневам е дека тој во еден момент едноставно се исклучил, дека каде и да е сега, не знае ништо за себе. Инаку, тој би бил дома, вакво нешто не би се случувало“, раскажува  Македонка.

На фотографијата која ни ја отстапи, вели дека нејзиниот сопруг ја носи истата карирана кошула во која бил облечен вечерта кога исчезнал. Носел тексас бермуди, а мобилниот претпоставува дека му бил исклучен уште пред да исчезне.

Замолува за било каква информација од јавноста поврзана со случајот и апелира доколку некој нешто знае, да ја контактира на телефонскиот број 075 620 756 или да се јави во полиција.

Вики Клинчарова

Поврзани новости