Десетти ден нема никаква трага од 10-годишен Петар кој исчезна од селото Врбско, Мариово. На Петар му се губи секаква трага попладнето, по 16 часот, на 25 феруари, од дворот на селската куќа.
Екипи на полицијата, на граничната служба, повремено хеликоптер, од војската, Центарот за управување со кризи и од прилепоската спасителна служба деновиве трагаа безуспешно.
Дарко Неданоски, спелеолог и претседател на прилепската спасувачка служба вели дека се пребарани стари окна и Црна Река.
– Се спуштивме 70-тина метри во старото окно на рудникот „Партизанка“, со заштитна опрема, но немаше никакви траги. Во саботата ја пребаравме Црна Река која, поради временските услови, беше надојдена, но пак без резултат. Потрагата продолжува, ама нема никакви траги, вели Неданоски.
Од СВР Битола велат дека потрагата продолжува по малиот Петар, но засега нема резултати. Прилепското основно обвинителство пред една недела отвори предмет за исчезнатото дете. Сослушани се родителите и постариот брат, Димитар.
Десетгодишниот Петар Џобоски со родителите и двете братчиња околу 22 февруари од Прилеп стигнале во куќата во селото Врбско, Мариово. Ги проверувале пчелите, ама попладнето околу 16 часот, Петар, дете со посебни потреби и некомуникативно, откако татко му го пратил на блискиот кладенец по вода, исчезнал без трага.