Претседателот на Државната изборна комисија, Оливер Дерковски, во Вин Вин на Телма изјави дека во изминатиот период се врши голем притисок врз ДИК со цел, како што рече, дел од политичката елита да ги оствари своите политички цели.
-На очиглед на јавноста се повеќе се врши притисок врз комисијата. Меѓутоа јас сум сигурен дека ќе успееме да се надминеме себе си и ќе завршиме со успешен изборен процес кој нема да има никаква дамка на изборниот ден – рече Дерковски.
Тој додаде дека за 7.600 граѓани биле потребни околу 10 дена за нивните податоци да бидат обработени и ажурирани во ДИК соогласно измените во Изборниот законик препорачани од ОБСЕ/ОДИХР.
-Во 30 дена има многу граѓани кои вадат лични карти, менуваат адреси, место на живеење на минатите избори таа бројка беше некаде околу 30 илјади граѓани. Значи не е за занемарување бројката која треба да се обработи и која и тоа како сметам дека ќе доведе до ситуација некој да го делегитимира процесот – рече Дерковски.
Тој нагласи дека е член на ВМРО-ДПМНЕ, но, како што рече, не настапува од вмровски позиции во однос на датумот за избори.