Претседателот на ДИК, Оливер Дерковски на попладневната седница истакна дека Комисијата спровела избори во исклучително тешка ситуација со пандемиска криза.
Тој истакна дека хакерскиот напад врз софтверот, односно вебстраницата не влијаела врз резулатите, бидејќи тие се пресметувале исклучиво врз основа на записниците кои стигнуваат од секое избирачко место.
-Сите бевме сведоци дека организацијата течеше како што треба. Трите дена на гласање, се одвиваа непречено и тука треба да им честитаме на граѓаните и на изборните органи. Сакам да потенцирам дека вчера се случи хакерски напад на системот, на сајтот кој предизвика не многу голема штета, туку мало одложување на оперативната активност. Се појавија разни лажни вести кои во текот на денот се ширеа. Ги демантирам сите тие и укажувам дека ДИК работи согласно со изборниот законик. ДИК ги добива сите изборни материјали, без престан ги примавме материјалите од општинските комисии. Денес напладне стигнаа до крај сите материјали, бидејќи изборниот ден траеше до подоцна. ДИК го утврдува резултатот само врз основа на записниците. На никој друг начин не може да се утврди резултатот. Ниту од серверот немаше и нема да може да се појават информации со скриншотови, бидејќи такво нешто не постои.
Се обидовме да го убрзаме процесот со новата софртверска алатка, но поради хакерскиот напад тоа се прекина. Можеби тој софтвер има и одредени слабости, но ве уверувам дека софтверот функционираше. Сакам да ви се извинам во име на ДИК за малото доцнење. Доцнењето не е големо, затоа што претходно треба да се примат и обработат сите записници од секое избирачко место, рече Дерковски.