Дерковски: ДИК е секогаш подготвена за избори, ќе направиме се за максимална заштита на гласачите

by fokus

Државната изборна комисија (ДИК) ќе ги преземе сите неопходни активности – технички и административни за подготовка на изборните дејствија за претстојните предвремени парламентарни избори согласно Уредбата на Владата со законска сила.

Претседателот на ДИК Оливер Дековски на денешната седница на комисијата рече дека врз основа на Уредбата и согласно со Изборниот законик, ќе испратат барање до  Министерството за внатрешни работи и до управите за санкции и за водење матични книги за прибирање на потребните податоци.

На новинарско прашање, Дерковски изјави дека согласно Изборниот законик ДИК не го определува датумот за избори. ДИК е, рече, секогаш подготвена за избори, за организација на изборите во законски определените рокови. Во моментов, посочи, работат на дислоцирање на избирачки места согласно со насоките на здравствените власти.

– Без разлика кога ќе биде денот на изборите, ние им дадовме на некој начин насока на нашите подрачни единици вработените таму да бараат избирачки места со  поголема квадратура, со отворени прозорци, според насоките од здравствените власти за да може да дислоцираме избирачки места. И има доста голем број којшто дале повратен одговор и каде што вршиме и промена на избирачките места. Значи, таа постапка е во тек и ќе продолжи се додека имаме можност и време да го направиме тоа. Значи, 3.480 избирачки места, од нив имаме некаде околу 700 што се со договори за закуп од приватни лица. Тоа веројатно ќе ни биде поголем проблем бидејќи тие се простории со помала квадратура, но се надевам дека ќе успееме на крајот да обезбедиме доволно добри простории за излегување на процесот, рече претседателот ДИК.

Како Комисија, додаде, ќе направат максимални напори да ги обезбедат потребните услови согласно протоколите од здравствените власти и согласно нивните акти што ќе ги носат понатаму.

-Ќе направиме максимални напори да обезбедиме соодветна заштита на сите кои ќе учествуваат во процесот – изборните органи, членови и заменици на избирачки одбори на општински комисии и се надевам дека ќе успееме во тоа, порача Дерковски.

Членот на Комисијата Наќе Витанов истакна дека согласно Уредбата со законска сила за дополнување на претходната Уредба ДИК денеска ја почнува својата работа во техничкиот дел за организирање и спроведување на изборите, а се однесува на ажурирање на Избирачкиот список.

Поврзани новости