Поранешниот претседател на Државната изборна комисија, Оливер Деркоски е еден од 12-те советници на министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски. Според списокот кој „Фокус“ го доби од МВР, Деркоски ќе го советува министерот за правни работи.
Иако во јули минатата година Кривичниот суд го ослободи Деркоски од обвинението за злоупотреба на службената положба, сепак Апелациониот суд го вратил предметот на повторно судење, па Деркоски пак ќе треба да седне на обвнителна клупа.
Од Кривичниот суд за „Фокус“ потврдија дека предметот е вратен на повторно судење и дека првото рочиште е закажано за на 2 октомври.
Според податоците пак што „Фокус“ ги доби од Апелациониот суд, овој предмет бил доставен кај нив на одлучување по жалба на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. Првостепената пресуда на судијата Илија Трпков е укината и предметот е вратен на повторно судење.
-Апелациониот суд Скопје постапувајќи по кривичниот предмет КОКЖ-3/24, по одржана јавна седница на 8.4.2024 година, а по спроведено советување и гласање на нејавен дел од седницата на ден 10.6.2024 година, донесе решение со кое ја усвои жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Скопје, а пресудата на Основниот кривичен суд Скопје КОК-50/21 од 14.07.2023 година ја укина и предметот го врати на повторно судење пред првостепениот суд, велат од Апелација за „Фокус“.
Со оглед на тоа што Деркоски е обвинет за став 5 од членот 353 од Кривичниот законик, кој беше укинат, обвинителот најверојатно ќе го преквалификува делото за него, па во зависност од штетата, може да застари, а може и не.
Деркоски, тројца вработени во ДИК и еден управител на економски оператор се товареа дека извршиле „злоупотреба на службена положба и овластување“ при спроведување на две јавни набавки, со што го оштетиле Буџетот за 1.312.409 денари или околу 21 илјада евра.
Според Судечкиот совет кој донесе ослободителна пресуда, јавниот обвинител не докажал надвор од разумно сомневање дека обвинетите ги сториле делата за кои се товарат.
Случајот се однесува на злоупотреби во врска со 2 набавки и за него Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) поднесе обвинение во мај 2021 година.
Едната набавка опфатена со обвинението е на софтверот што беше купен за парламентарните избори одржани на 15 јули 2020 година, а другата е на телевизори, на кои требаше да се прикажуваат резултатите од изборите.
Вредноста на двете набавки е околу 21.500 евра, од кои 14.600 евра за софтверот, а 6.700 за телевизорите.
Според обвинението, во овие јавни набавки не се почитувал законски минималниот рок за поднесување на понудите, не биле правилно евалуирани доставените понуди, а Деркоски како претседател не извршил контрола на постапката за евалуација, туку одлучил да ја избере понудата предложена од Комисијата за јавни набавки.
Со обвинението се тврдеше и дека софтверот не бил тестиран пред да се имплементира за да се види дали ги исполнува условите итн.
На 15 јули 2020 година, вечертa кога ДИК требаше да ги објави првичните резултати од предвремените парламентарни избори, веб-сајтот со резултатите беше паднат и никој не можеше да ги следи.
По отворањето на истрагата на Обвинителството, Деркоски тврдеше тие воделе транспарентна и законска постапка.
– Постапката е спроведена законски, а доказ за тоа е и отвореноста на постапката. Вградени се сите сугестии што беа дадени за оваа набавка, не се точни ниту наводите дека не е извршено тестирање, на околу 150 члена им биле пратени упатства и лозинки за да се тестира исправноста – тврдеше тој.
„Фокус“ му испрати порака на Деркоски на телефонскиот број што го користеше порано, дали тоашто ќе му се суди е пречка да му биде советник на министерот, но одговор не добивме.
Фросина ФАКОВА – СЕРАФИНОВИЌ
Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.