Поранешниот претседател на Државната изборна комисија, Оливер Деркоски повторно седна на обвинителна клупа, откако Апелациониот суд го врати предметот за набавката на софтверот што беше купен за парламентарните избори во 2020 година, на повторно судење.
Од Кривичниот суд за „Фокус“ велат дека првото рочиште веќе се одржало на 2 октомври кога странките дале свои воведни зборови и судењето ќе продолжи следната недела на 15-ти.
Деркоски првично беше ослободен од обвинението за злоупотреба на службената положба и овластувања, но второтстепениот суд по жалба на обвинителството го врати случајот на повторно судење.
Со оглед на тоа што Деркоски се гонеше за став 5 од членот 353 од Кривичниот законик, кој по контроверзно донесените измени на КЗ беше укинат, обвинителот го преквалификувал делото против него и сега се гони по член 3.
-Кривичното дело согласно напатствијата на Апелациониот суд Скопје и измените на КЗ е преквалификувано од член 353 став 5 вв став 1 вв член 45 во член 353 став 3 вв став 1 вв член 45., велат од Обвинителството за „Фокус“.
Ставот пет од овој член се однесуваше на злоупотреба на службената положба и овластувања при вршење јавни набавки или штета на државниот Буџет и во тој член не беше предвидена максимална казна, односно предвидена беше казна од најмалку пет години, но со измените беше избришан.
Сега Деркоски ќе се гони по член три во кој со измените исто така беше воводена горна граница и ставот гласи:
-Ако сторителот од делото од став (1) на овој член, со намера прибави за себе или за друг поголема имотна корист или нанесе поголема имотна штета, ќе се казни со затвор од една до четири години“.
Со оглед на тоа што делото е сторено во 2020 година, апсолутна застареност настапува во 2028 година.
Деркоски, тројца вработени во ДИК и еден управител на економски оператор се товареа дека извршиле „злоупотреба на службена положба и овластување“ при спроведување на две јавни набавки, со што го оштетиле Буџетот за 1.312.409 денари или околу 21 илјада евра.
Според Судечкиот совет кој донесе ослободителна пресуда, јавниот обвинител не докажал надвор од разумно сомневање дека обвинетите ги сториле делата за кои се товарат.
Случајот се однесува на злоупотреби во врска со 2 набавки и за него Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) поднесе обвинение во мај 2021 година.
Едната набавка опфатена со обвинението е на софтверот што беше купен за парламентарните избори одржани на 15 јули 2020 година, а другата е на телевизори, на кои требаше да се прикажуваат резултатите од изборите.
Вредноста на двете набавки е околу 21.500 евра, од кои 14.600 евра за софтверот, а 6.700 за телевизорите.
Според обвинението, во овие јавни набавки не се почитувал законски минималниот рок за поднесување на понудите, не биле правилно евалуирани доставените понуди, а Деркоски како претседател не извршил контрола на постапката за евалуација, туку одлучил да ја избере понудата предложена од Комисијата за јавни набавки.
Со обвинението се тврдеше и дека софтверот не бил тестиран пред да се имплементира за да се види дали ги исполнува условите итн.
На 15 јули 2020 година, вечертa кога ДИК требаше да ги објави првичните резултати од предвремените парламентарни избори, веб-сајтот со резултатите беше паднат и јавноста не можеше да ги следи.
По отворањето на истрагата на Обвинителството, Деркоски тврдеше дека тие воделе транспарентна и законска постапка.
– Постапката е спроведена законски, а доказ за тоа е и отвореноста на постапката. Вградени се сите сугестии што беа дадени за оваа набавка, не се точни ниту наводите дека не е извршено тестирање, на околу 150 члена им биле пратени упатства и лозинки за да се тестира исправноста – тврдеше тој.
Иако му се суди, како што објави „Фокус“, Деркоски е еден од 12-те советници на министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски и го советува за правни работи.
Ф.Ф.С.
Деркоски повторно седнува на обвинителна клупа, но и на советничко столче кај Тошковски!