Кога пред шест години депонијата Дрисла доби концесионер, италијанскиот конзорциум ФЛЦ Амбиенте, според студијата направена од страна на Светска Банка и понудата на ФЦЛ „Амбиенте“, се предвидуваше депонијата да прави профит од околу 5 милиони евра годишно, од кои 1 милион евра требаше да се слеат во касата на Град Скопје.
Сепак, реалноста е поинаква. Според податоците кои ги добивме од ЈП Дрисла, профитот се уште не надминал 1 милион евра на годишно ниво, иако има тренд на зголемување. Па така, заработувачката во 2014 година била 226.000 евра, во 2015 година се зголемила на 343.000 евра, а лани бил регистриран профит од 680.000 евра.
Официјални податоци од ЈП Дрисла:
2014 година
Приходи – 165.920.473 денари
Расходи – 148.785.026 денари
Добивка – 13.901.291 денари
2015 година
Приходи – 186.141.709 денари
Расходи – 162.513.409 денари
Добивка – 21.089.378 денари
2016 година
Приходи – 207.633.827 денари
Расходи – 160.988.069 денари
Добивка – 41.825.288 денари
По добивањето на концесијата, ФЛЦ Амбиенте имаше и обврска да инвестира, но инвестициите не е се видливи и по пет години, поради судскиот спор кој со години го имаат со второрангираната германска компанија Шолц.
Неодамна Управниот суд донесе одлука со која концесијата се поништува, а на град Скопје му се наложува да склучи концесија со Шолц. Сепак оваа одлука не е правосилна, бидејќи се чека одлуката на Вишиот управен суд. Повеќе детали за одлуката на Управниот суд прочитајте во најновиот број на неделникот „Фокус“.
Валентина Вурмо