Депонија под Центарoт за деца со посебни потреби во Гостивар: Ставете се пет минути во наша кожа!

by fokus

Петнаесеттина деца со посебни потреби кои што секојдневно престојуваат во Дневниот Центар во Гостивар се изложени на разни зарази, поради несовесни соседи, кои подрумот над кој што се сместени децата го претвориле во депонија.

Наместо да го фрлаат отпадот во контејнер, тие без срам и чувство за одговорност, веќе подолг период своето ѓубре го исфрлале преку искршените прозорци директно во подрумските простории, и ги претвориле во дива депонија среде градот.

Маргарита Милошеска, мајка на девојче кое престојува во дневниот центар ги алармира надлежните институции и упатува апел до несовесните граѓани, кои што освен што ги изложуваат децата со посебни потреби на ризик од заразни болести, немале слух ниту за нивниот проблем со инвалидските колички. Родителите не можејќи да најдат слободен простор за паркирање, често биле принудени да ги носат децата во раце до центарот.

,,Во шок сум, но и разочарана од односот на луѓето кон лицата со посебни потреби, кон незаинтересираноста за нашите проблеми, но и предизвикување на нови проблеми, покрај сите предизвици кои што ги имаме како родители на деца инвалиди. Веднаш позади центарот се изградија две згради, и од тогаш ние родителите се соочивме со многу проблеми. Долго време го потиснувам гневот кој што произлегува од негрижата на институциите кон лицата со посебни потреби, насекаде низ државата, посебно во Гостивар каде што живеам, бидејќи тука лично ги гледам неправилностите и условите во кои што се сместени децата со посебни потреби“, вели загрижената мајка.

„Апелирам до сите релевантни институции да се погрижат да биде исчистен сметот од подрумот, но и да се потрудат да се обезбедат нови простории за овие деца, соодветни за нормален и удобен престој, чисти… Јас како самохран родител, немам кој да ми ја чува ќерка ми додека сум на работа, и сакам таа да биде сместена во достоинствени услови, а не покрај ваков хаос! Покрај нејзината дијагноза, не сакам да се соочам и со други заразни болести, предизвикани од лоши услови. Но нашите проблеми изгледа немаат крај’’ – раскажува Милошеска.

Таа додава дека дополнителна главоболка и стрес им предизвикува и паркирањето на возилата, кога ги оставаат и земаат децата од центарот. Бидејќи немало поставено знак за паркирање на возила за лица со посебни потреби, често во раце ги носеле децата до центарот, оти немало каде да се помине со инвалидска количка.

„ Апелирав повеќе пати да се стави знак за паркирање за инвалиди, но никој не презема ништо. Со ќерка ми имаме секојдневни трауми. Надлежните барем пет минути нека се стават во моја кожа, па нека се замислат како тогаш тие би реагирале. Срамота и греота е овие деца да се остават вака ‘’ – вели мајката.

Таа апелира да им се овозможат и подобри услови за работа на вработените во Дневниот Центар, бидејќи само така ќе можат целосно да им се посветат на децата. Вели дека според условите кои што ги имаат, тие и предобро се снаоѓаат.

Од Центарот за социјална работа во Гостивар, под чија надлежност бил дневниот центар, апелирале граѓаните да престанат со фрлање отпад во подрумските простории, и најавиле дека од јавните претпријатија ќе бараат расчистување на натрупаното ѓубре.

Вики Клинчарова

Поврзани новости