Алекс беше здраво и весело дете, без никакви здравствени проблеми. Во болница одевме единствено поради некоја настинка, што е нормално за секое дете, никогаш немал никаква сериозна дијагноза, не бил под терапија. Беше ученик во четврто одделение, редовно одеше на училиште, не се случило да отсуствува поради болест. Неодамна имаа и систематски преглед во училиштето, се беше во ред со него. Ги замолувам институциите и медиумите да не ја шират дезинформацијата дека моето дете починало бидејќи било болно, во телефонски разговор за „Фокус” открива Ивица Крстевски, татко на Алекс кој почина во вторникот.
Семејството Крстевски е од село Пеширово. На 14-ти јануари момчето заедно со неговата мајка и дедо, со такси возило од Пеширово било однесено кај матичниот лекар во Свети Николе, бидејќи утрото повраќало.
Како што раскажува таткото, матичниот лекар не бил на работа, на смена била друга лекарка, која му дала инфузија на момчето. Состојбата започнала да му се влошува, па таа го испратила во ЈЗУ Клиничка болница Штип, но не со амбулантно возило, туку со истото такси возило со кое мајката и дедото го однеле на матичен.
-Јас пет години работам во Словенија, за да го прехранам моето семејство. Утрото кога поради повраќање Алекс беше однесен со такси возило кај матичен лекар, јас не бев со него, бидејќи бев во Словенија. Со него беа неговата мајка и мојот татко. Таксистот е сведок на целата ситуација. По примање на инфузија, на син му се влошува состојбата, и лекарката го испраќа во болница во Штип, и тоа со истото такси возило. Ако состојбата била критична, не знам зошто не била повикана лекарска екипа од итната помош, туку детето без доктор и медицински персонал било пратено во Штип, вели Ивица.
Додава дека кога му јавиле за лошата здравствена состојба на синот, веднаш тргнал кон Македонија. За жал, не дочекал да го види своето дете живо, бидејќи момчето од Штипската клиничка болница како итен случај било однесено во ЈЗУ Универзитетска Клиника за детски болести-Скопје, каде околу 23.30 часот починало.
Според извештајот на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ), по извршениот вонреден инспекциски надзор во ПЗУ Д-р Оливер, Свети Николе, потоа во Клиничка болница-Штип и во Клиниката за детски болести во Скопје, не биле констатирани недостатоци во трите институции. Во штипската Клиничка болница му била поставена дијагноза сомноленција. Сомноленцијата претставува состојба на квантитативно растроена свест (состојба на длабок сон) која се одликува со изразена поспаност.
-Ние за првпат во животот го слушнавме тој збор, сомноленција, и не знаеме што значи тоа, за каква состојба или болест се работи. Знаеме само дека нашето дете имаше нормален раст и развој, беше мирно дете кое никогаш не покажа некаков здравствен проблем, некакви симптоми на болест, од која ете, ни кажуваат дека починало. Ако состојбата била животно загрозувачка, пак ќе прашам, зошто детето беше пратено со такси возило во штипската болница, наместо со него да има лекарски тим и возило на итната помош?-прашува таткото.
Појаснува дека е разочаран во државата и во здравствениот систем, и апелира до министерот за здравство, Арбен Таравари, да се посвети максимално на својата работа, да се стави ред во здравството, бидејќи изминатиот период редовно во медиумите се објавуваат вести за деца кои починале во нашите здравствени установи.
-Јас сум сиромашен човек и не можам да се борам со системот и со државата. Но, пет години сум во Словенија, знам како функционира тамошното здравство, знам каков е здравствениот систем во една развиена земја. Деца туку-така, не треба да умираат.
На крај, кога слушам дека наводно детето ми било болно, дека нема никаква грешка кај институциите, ќе помислам дека дури и моето дете, Алекс, на крај ќе го направат виновно што починало! Така ли треба да функционира една земја, вакви работи ли треба да се случуваат?
Ова е трагедија од која нашето семејство никогаш нема да се залечи, и што е најболно, јас сега сум доведен во состојба на институциите и на јавноста да им појаснувам дека имав право-здраво дете, дека почина буквално од ништо, а не дека сме го носеле по болници цел живот. Камо воопшто да не го однесевме на лекар тој ден, можеби сега син ми ќе беше жив, раскажува вознемирениот татко.
Додава дека по трагедијата, тој останува во родното Пеширово и не оди во Словенија, односно достапен е за сите телевизиски куќи и институции, кои се заинтересирани за случајот. Вели дека нема што да крие, и само сака вистината да излезе на виделина, за да се спречат вакви трагедии во иднина.
Вики Клинчарова