Дванаесет истакнати македонски дизајнери и дизајнерки ја поддржаа кампањата „Денови за донирање” и од продажбата на нивните дизајнерските парчиња беа собрани 211.800 денари на вчерашното наддавање на добротворна модна аукција од Prêt-À-Porter & Haute Couture во друштво на филантроп(к)и и вљубеници во модата која се одржа синоќа во клубот „Интермецо“, а беше во организација на „Конект“ во рамки на проектот на УСАИД „Партнерства за донирање“.
Гостите имаа можност да одберат парчиња облека на Никола Булески-Буле, Никола Ефтимов,Лидија Георгиева, Силвија Михајловска-Алшар, Ирина Тошева, Росица Мршиќ, Тања Кокев, Антонија Гугинска-Милкбрајдс, Наталија Терзиоска-Терзија, Симон Ендровски Бела, Златко Јовановски, Катерина Тошева, а сите средства ќе се вложат во донаторскиот фонд на Конект за организации што посветено и транспарентно работат на промена во животите на нашите сограѓани за подобра едукација, достоинствена работа, вклученост на најранливите и добро здравје.
-Секој денар е значаен за нашиот прв донаторски фонд од кој ќе поддржиме граѓански организации што решаваат проблеми и го менуваат животот на нашите сограѓани и носат: квалитетно образование, инклузија на најранливите, достоинствено вработување, надминување на попреченоста и сиромаштијата, грижа за животната средина. Нашите модни дизајнери ни подарија вистинско модно богатство, скапоцени облеки од драгоцени и иновативни материјали, рачно сликани и доработувани, со вдахновен дизајн. На многу од нив вредноста е бесценета, исто како и секоја донација дадена од срце, изјави Никица Кусиникова, извршна директорка на здружението „Конект“.
Деновите за донирање ќе бидат претставени преку гостувања во медиумите со цел поголема промоција на идејата и обезбедување на клима за донирање. Од страна на граѓанските организации ќе бидат организирани и координирани активности на терен како во Скопје така и во другите општини во земјата.
Овие настани имаат за цел да инспирираат што е можно повеќе граѓани, граѓански организации и компании да се вклучат и да бидат охрабрени и поддржани во спроведувањето на активностите за собирање средства за проекти по сопствена иницијатива или за централниот фонд на Деновите за донирање.
„Конект“ 15 години ја поттикнува филантропијата и општествената одговорност, ,модната аукција е дел од кампањата „Денови за донирање“ во рамки на УСАИД проектот „Партнерства за донирање“.