Петтото издание на „Денови на литературата“ ќе се одржи од 7 до 23 февруари во сите книжарници на „Литература.мк“. Во рамките на продажната акција ќе бидат понудени попусти на книги до 70%, грепки со подароци, книжевни промоции, интерактивна програма за деца и за фанови инспирирана од Хари Потер, Покемон и Исидора Мун, како и дружби со Биби и Боби и Стела и Сани.
Во продажната акција ќе има попусти на најбараните книги за возрасни и за деца од 18 македонски издавачки куќи: „Арс Ламина“, „Академска книга“, „Антолог“, „Бата прес“, „Бегемот“, „Ид-концепт“, „Или-или“, „Мартина“, „Муза“, „Нампрес“, „Полица“, „Прозарт“, „Сакам книги“, „Сказнувалка“, „Слово“, „Светот на Биби“, „Три“ и „Чудна шума“.
Попусти до 70% на популарни наслови од нефикција, фикција и книги за деца ќе понуди „Арс Ламина“. За сите фанови на книгите на Зоран Спасов Ѕоф ќе има специјална понуда – комплет од петте негови книги: „И јас сум Сирма“, „Тито, мојот претпоследен херој“, „Торонто експрес“, „Џабе живиш у Скопје“ и „Цепај сине: пошто џабе живиш у Македонија“ за вкупно 990 денари. На дел од книгите од „Или-или“ ќе има 50% попуст. Преостанатите издавачи ќе понудат 20% попуст на книгите.
Продажната акција „Денови на литературата“ ќе се одвива во сите книжарници на „Литература.мк“, во: „Дајмонд мол“, „Скопје сити мол“, „Ист гејт мол“, ТЦ „Буњаковец“, на ул. „Македонија“ во Скопје, во Битола (на „Широк сокак“) и во Струмица, како и на најголемата е-книжарница www.literatura.mk.
„Литература.мк“ подготви и изненадувања за своите посетители – со купени книги во книжарниците во вредност од минимум 1500 денари следува грепка со подарок. Меѓу подароците се: комплети со книги од Петре М. Андреевски, Оливера Николова, Блаже Конески, Орхан Памук, Милан Кундера, Д-р Неле Карајлиќ, Барак Обама и Мишел Обама, серијалите Хари Потер и „Темната граѓа“, „Прва училишна енциклопедија“, „Мојата прва библиотека“, „Мали умни глави“, детски класици на англиски јазик, како и блузони, зимски капи и друго. Секоја грепка е добитна!
Програмата со настани ќе почне со промоција на книгите „И“ од Кристина Краличин и „73 дена“ од Иво Митев-Жиле, на 7 февруари (петок), во 19 часот, во „Литература.мк“. Книгите кои влегоа во потесниот избор за наградата „Пегаз“ за 2024 година, се во издание на „Арс Ламина“, а ќе ги промовира уредничката Оливера Ќорвезироска.
На 8 февруари (сабота), во 12 часот, во „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“, децата ќе другаруваат со Стела и Сани, а следниот ден, во „Литература.мк“ во „Сити мол“, во 12 часот ќе се одржи работилница за деца со Биби и Боби. Во истиот термин, во „Литература.мк“ во „Ист гејт“ ќе се одржи настан за деца и родители – натпревар во местење сложувалки и коцките „Плус плус“.
За учество на натпреварот, заинтересираните треба да се пријават на имејл-адресата: info@literatura.mk.
В понеделник (10 февруари), во 18 часот во „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“ е закажана музичко-сценската пиеса за деца – „Златната книга на Лудви“ во продукција на „Музичка кутија“.
На 11 февруари (вторник), програмата продолжува исто во книжарницата во „Дајмонд мол“, каде што во 18 часот ќе се одржи промоција на новата книга „Се викам храброст“ – со 50 инспиративни приказни за животот на македонските хероини, која е во издание на „Арс Ламина“. На настанот ќе учествуваат уредничката Надица Фирфова, графичката дизајнерка Анета Илиевска, книжевникот и публицист Иван Антоновски, а ќе има инспиративно обраќање и на дел од жените застапени во оваа монографија.
Љубителите на книжевноста следниот ден (12 февруари, среда) во 19 часот во „Литература.мк“ во „Сити мол“ ќе можат да ја проследат промоцијата на новата книга „Неочекувано“ од Ана Мовска, исто така издание на „Арс Ламина“. Книгата ќе ја претстават Билјана Герасимовска, Ивана Трајаноска и Бисера Бендевска.
На 13 февруари, во соработка со „Џез ФМ“, ќе биде одбележан светскиот ден на радиото, со концерт во „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“, во 21 часот. Следниот ден, пак, ќе биде одбележан Денот на вљубените, со целодневниот настан „Состанок на слепо со книга“. Имено, „сингл“ посетителите на „Кафе Литература“ во „Дајмонд мол“, „Скопје сити мол“ и „Ист гејт мол“ ќе добијат подарок книга.
За време на викендот, на програмата повторно се настани за младите читатели. Во сабота (15 февруари) во 12 часот во „Литература.мк“ во „Ист гејт“ ќе се одржи настан за сите фанови на најпопуларниот волшебник Хари Потер. На настанот обожавателите можат да дојдат маскирани во омилените ликови од овој волшебен серијал, а ќе има квиз на знаење и работилница за најмладите. Истиот ден, во 12 часот, во „Литература.мк“ во „Сити мол“, ќе се одржи уште една дружба со Стела и Сани.
Во недела (16 февруари), најмладите повторно ќе се дружат со Биби и Боби, овој пат точно напладне, во книжарницата во „Дајмонд мол“.
Читателите – љубители на популарна психологија и книгите за самопомош, ќе можат да го посетат настанот „Shelf Help – помошта доаѓа од полиците“, што ќе се одржи на 17 февруари (понеделник), во 19 часот, во „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“. На настанот ќе биде промовирана книжевна едиција, Shelf Help – со куси и практични водичи за самопомош, кои ќе ви помогнат да го подобрите вашиот живот, што е во издание на „Арс Ламина“. На настанот ќе учествуваат уредничката Татјана Димовска-Атанасова, писателот Мартин Јовановски, водителката и инфлуенсерка Јелена Спенџарска и инфлуенсерката Нина Ред.
На 18 февруари (вторник), во 19 часот во „Литература.мк“ во „Сити мол“ ќе се одржи промоција на книгата „Девојчето и куклата што патува“ од Александар Русјаков. Сликовницата е објавена во чест на 100 години од заминувањето на Франц Кафка. Следниот ден (19 февруари, среда), во 18 часот, на истата локација ќе се одржи работилница за деца инспирирана од сликовницата „Колку е часот?“ со авторот на текстот и илустрациите Тодор Трајковски.
Серијалот книжевни промоции продолжува следниот ден, (20 февруари) во 19 часот во „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“, со промоција на новата есеистичка книга „Дом во тишина“ на Никола Маџиров. Промотори на книгата ќе бидат Оливера Ќорвезироска и Владимир Јанковски. Сите фанови на трилерите ќе можат да уживаат во т.н. „Трилер вечер“, закажана за следниот ден (21 февруари), во 19 часот, во „Литература.мк“, „Сити мол“. На настанот ќе учествуваат авторките на актуелни трилери Јана Мишо („Што се случи со Исидора?“), Сузана Камберова („Страшни приказни“), Андреа Мирческа („Девојката што ја наслика смртта“), Марија Ралповска („Сенки од подземјето“ и „Мастилна мапа“) и Мери Арсова („Опасна игра“), како и уредничката Татјана Димовска-Атанасова и модераторот Анде Д. Јанков.
Во сабота (22 февруари) во 12 часот во „Литература.мк“ во „Ист гејт“ ќе се одржи работилница за деца инспирирана од Исидора Мун, со што Скопје ќе се приклучи во одбележувањето на интернационалниот „Исидора Мун ден“. Во 18 часот, на истата локација ќе се одржи настан за сите фанови на мегапопуларниот „Покемон“. Програмата на „Денови на литературата“ ќе биде заокружена во недела (23 февруари) во 12 часот, со уште една весела дружба со Биби и Боби, овој пат во книжарницата во „Ист гејт“.
Сите настани во рамките на „Денови на литературата“ се бесплатни за сите посетители.