Денот потоа

by Fokus

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ на хартија извојува голема победа и над четириесет и пет општини, како и Град Скопје. Но, освоените гласови ни малку не оставаат простор за радост, бидејќи се за дваесетина илјади пократки од триста илјади гласови, она што се смета за минимум потребно во Македонија за формирање влада

Пишува Јанаки МИТРОВСКИ

 Завршија „многу важните“ локални избори, односно нивниот втор круг. И покрај сите напори и најави за пресврт во втор круг, до чудо не дојде, напротив и во вториот круг дебаклот на СДСМ продолжи. Во целата држава, СДСМ ќе раководи со шеснаесет општини, иако до сега раководеа со педесетина. Им побегна, и тоа не за малку, и главната награда на секои локални избори – Град Скопје.

Наместо да биде тесна борба, де факто кандидатот на ДПМНЕ Данела Арсовска направи разлика од речиси триесетина илјади гласови. Изостана ветената поддршка за СДСМ од ДУИ во Скопје, видно до излезноста во општините населени претежно со албанско етничко население. Иако тоа беше јасно некој час претходно, некаде околу десет часот и самиот Шилегов ја честиташе победата на противкандидатот.

ВЕРБАЛНА ОСТАВКА НА ЗАЕВ

 Потоа на ред дојде премиерот Заев, кој го призна поразот и како најавено поднесе вербална оставка од премиер и претседател на СДСМ. Но, еве три дена подоцна, оставката (која повлекува оставка на целата влада) сѐ уште не е поднесена до Собранието, за да се отворат следните процеси, како доделување мандат од страна на претседателот на Македонија, Стево Пендаровски.

И како по шаблон, партијашите од владејачката партија почнаа со собирање потписи за премислување на Заев, па ДУИ и ДПА го молеле, па Саше АНАЛитико кубел коси… телевизија презента шпанска серија со македонски зачин! Опозицијата шпекулира дека се работи за блеф, а и не би се изненадил да е тоа така, со оглед на фактот дека не е првпат Заев да поднесува оставка, па да се премислува.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ на хартија извојува голема победа и над четириесет и пет општини, како и Град Скопје. Но, освоените гласови ни малку не оставаат простор за радост, бидејќи се за дваесетина илјади пократки од триста илјади гласови, она што се смета за минимум потребно во Македонија за формирање влада.

КАСТРО СЕ ПРЕВРТУВА ВО ГРОБ

 ДУИ повторно условно речено победи во албанскиот блок, иако ги загуби т.н. главни градови за кои се заинтересирани – Гостивар и Тетово. Важно Рамиз Мерко ќе се изживува со Струга уште еден мандат, а газда Нефи ќе биде каубоец во Охрид уште најмалку четири години. И можеби најважно, не отстапуваат од зелената агенда. Токму затоа, на најшовинистички можен начин носеа гастарбајтери и водеа кампања „никако да победи Македонец“, небаре тоа е зло!

Левица очекувано не освои ниту едно градоначалничко место, а освои далеку повеќе советници од изборите во 2017 година, кога освои само три. Но, и покрај наводната антиестаблишмент и анти курто-мурто политика, си направија локална коалиција за Град Скопје со ДПМНЕ, а таква најава има и за Карпош. Кастро сигурно се превртува во гроб откако го цитираа, па два дена подоцна лизнаа каде што поплукаа.

Шлаг на тортата е Стевчо Јакимовски и неговата победа во Карпош. Ветеран на македонската политичка сцена, кој прослави во нему својствен стил. Единствено што ме изненади е што не запеа и самиот. Но, затоа цел локал полн сопартијци имаа јасна порака за политичките неистомисленици. Затоа сега очекувам Стевчо да си истетовира гром и да нѐ е*е со ку*от громовски! Каков простак!

Поврзани новости