Амбасадата на Република Украина денеска со пригодна свеченост близу споменикот на Тарас Шевченко во центарот на Скопје го одбележи 24 Август-Денот на независноста на државата. По симболичната поворка со знамето на Украина до Украинската алеја, обраќање имаше вршителот на должност амбасадор на Украина во државава Дмитро Керечанин.
– Денес го одбележуваме најважниот празник на Украина и Украинците – Денот на независноста на Украина. Благодарение на сите Вас, денес не сме сами, туку го славиме нашиот празник заедно со пријателите. Нашата држава исто така денес не е оставена сама. Украина е опкружена и поддржана во борбата против рускиот агресор од десетици земји ширум светот. Меѓу нив е и Северна Македонија. Благодарни сме им на сите партнери на Украина, сите без исклучок, за помошта што ни овозможува да преживееме во ова тешко време – рече Керечанин.
Украинскиот народ, посочи тој, во текот на својата историја бил принуден постојано да се бори за слобода и независност, а 21 век не е исклучок за тоа.
– Дваесет и првиот век не е исклучок во оваа смисла. Украина се уште се бори за своето право да постои. Денес, нашата слобода и независност им ја должиме на нашите херои, од кои многумина загинаа на бојното поле за украинската државност, за нашата безбедност и нашите животи – дополни тој.