Денот на мрмотот

by Фокус

Последниот клинец во ковчегот за конечно сотрување на македонизмот беше удрен со прифаќањето на Преспанскиот договор за промена на уставното име, Договорот со Бугарија и Преговарачката рамка за демакедонизација. Првото полувреме од 24 април заврши со дебакл на конфабулантите, на 8 мај продолжува второто, за кое тврдат дека почнувало од нула. Можеби чекаат трето полувреме?

Пишува: Д-р Гроздан ЦВЕТКОВСКИ

Политичарите од „европски маштап“ во нашата земја чувствуваа и се  самоубедуваа дека и во летото Господово 2024 ќе бидат актери на едни исти собитија, кои се повторуваат повеќе од три децении. Синдром на заблуда, кој безмалку наликува на култниот филм „Денот на мрмотот“, снимен пред речиси исто толкав период.

Веруваа дека состојбите, триесет и кусур години се исти и се повторуваат. Состојба наречена дежа ву без мемориска конфабулација, која често се манифестира како компликација на Алцхајмер, за кој сѐ уште нема лек.

Проблемот е одбивањето да се соочат со вистината. Логореично повикуваа на дежа ву гласање за единствен „европски пат“ наместо „изолација“ како најголемо зло. Но, најголем број од избирачите воопшто не ги рецкаа, па на 24 април бељаџиите го изедоа калапот во првиот круг на претседателските избори.

„ЕУУУУУ“

Џабе! На сурогат „Европејците“ не им иде умот, па продолжуваат да летаат во место. По никоја цена не се откажуваат од иднината и логореично мантраат „Еууууууу“. Се лажат себеси и го мајтапат народот дека изгубиле само една битка, а не и војна, која гарант ќе ја добиеле на 8 мај.

Доказ и дијагноза дека Мафијадонија е тотално зарибана, нефункционална, во лер. Властодршците дабетер! Систем киднапиран од стотина учки и горе-долу исто толкав број сдсмовски измеќари. Разнебитен од дно до врв. Колабиран топтан, ама џамбазите и аљазите продолжуваат да ламентираат за некаковси „европски пат“. Лажат, па сушат квазидржавниците и псевдоинтегративците, но си веруваат во нивните лаги. Типични конфабуланти!

Се натпреваруваат кој подолго ќе ја задржи логореичната мантра „Еууууууу“! Колку повеќе врескаат и издржуваат, толку мислат дека се поубедливи. Кажуваат измислици како вистини, со цел да задржат минимум самопочитување на сопствените фрустрации.

Нагон за непрекинато дрдорење, полесно душевно заболување, но и знак за психијатриско нарушување, кое вообичаено се јавува за време на манични напади. Како фокус на медитација, логореичната мантра им помага колку-толку порационално да рационализираат.

Не се сосема свесни, но повторувајќи ги фразите „европски претседател“ и „не се откажуваме од иднината“, длабоко влегоа во СФ филмот, тотално заборавајќи на сегашноста и минатото.

Не за џабе се тврди дека најмногу се лаже по лов, за време на војна и пред избори. Јавноста ги исмејува самопрогласените „Европејци“ за нивната конфабулација дел арте.

За ирационалното ветување на светла иднина со висок животен стандард, силна економија, просечна плата од 1.100 евра и пензија од 500 евра, квалитетни здравство и образование, „ветинг“ на судии и јавни обвинители, завршување на преговорите со ЕУ до 2028 година и членство до 2030 со заштитен македонски идентитет и јазик.

ДЕЖА ВУ

Измислуваат, фантазираат и го замајуваат народот дека биле единствениот спас од сѐ што е лошо и зло. Нивните погледи се како во искршено огледало, не ја препознаваат стварноста и реалноста.

Како е можно да се состави скршена вазна кога родоотстапниците од акционерското СДСМ и учките од ДУИНГ бизнис, во име на возвишени цели, членство во НАТО и ЕУ, бескрупулозно го разградуваат македонизмот и ги продаваат националните интереси?

Темелите ги поткопаа со Рамковниот договор, по кој следуваше фингираниот попис на населението, а потоа и територијалната поделба, октроираната Тиранска платформа за двојазичност и воведувањето на т.н. „Балансер“.

Последниот клинец во ковчегот за конечно сотрување на македонизмот беше удрен со прифаќањето на Преспанскиот договор за промена на уставното име, Договорот со Бугарија и Преговарачката рамка за демакедонизација.

Првото полувреме од 24 април заврши со дебакл на конфабулантите, на 8 мај продолжува второто, за кое тврдат дека почнувало од нула. Можеби чекаат трето полувреме?

Со нивната дежа ву инфантилна мантра за европска иднина, како единствен магичен рецепт за успех, наспроти опозицијата и најголемиот дел од народот, кои ќе ја однеле земјата во изолација и агонија.

Заради власт, сласт и маст, завалиите носеа „храбри и тешки“ одлуки. Разбира се, на штета и со арам од народот, кој не го есапеа.

Гласачи што ги поистоветуваат мафио-клановите ДУИ и СДСМ со европејство, демократија и правна држава, мора да се дудуци, абдали, неарни и не со сите. Човеци со хронични симптоми на особено перверзно мислење!

Поврзани новости