На денешен ден во поранешна Југославија се одбележуваше еден од најголемите празници, Денот на младоста, кога на стадионот ЈНА во Белград на доживотниот претседател на Југославија, Јосип Броз Тито, му се предаваше во рака „Штафетата на младоста“.
Честа да ја носат штафетата ја имаа најдобрите ученици, студенти, спортисти и млади работници, кои се истакнале со своите знаења и успеси. Истата патуваше од Гевгелија до Триглав, и празникот беше симбол на младоста, на обединувањето и слободата во Југославија, каде младите, работниците и пионерите беа движечката сила и фокус на државата.
Денот на младоста се одбележуваше и по смртта на Тито во 1980 година, се до 1988 година, и беше еден од најголемите југословенски празници.
Голем број на носталгичари по минатите времиња и по животот во СФРЈ, се уште го одбележуваат Денот на младоста. На пример, во Кочани и денес членови на здружението ,,Јосип Броз Тито” со југословенско знаме, интонирање на химната, но и со стари југословенски возила, имаа дефиле низ градот, со пораката дека празникот симболизираше заедништво, единство и младешки дух како основа на развојот и напредокот на сите народи и народности кои беа дел од Југославија.
И во Кумровец денес се собрале околу 10.000 лица, да се присетат и да го одбележат своевремено најголемиот југословенски празник.
По повод Денот на младоста, на социјалните групи посветени на минатите времиња и животот во СФРЈ, исто така се објавуваат стари фотографии и видео снимки од тогашниот живот. Се потсетува на пријателството, на истите можности за сите, на фабриките кои успешно работеа во сите републики, на летувањата на Јадранот и на езерата низ Југославија.
Дали тогаш подобро се живееше и кога би имале можност да изберете помеѓу живот во ЕУ и Југославија, кој би бил вашиот избор, е прашање кое може да се забележи на повеќе страници. Бројни се одговорите на постарите генерации кои тврдат дека имале добар и достоинствен живот во Југославија и дека жалат по тие минати времиња, во кои да можат, радо би се вратиле.
-Се стануваше во шест наутро, користевме домашна паста за заби, домашен лосион или парфем, одевме на работа до 15 часот, возевме најчесто Фиќо или Застава 101, имавме време за дружби, пријатели…
Пазаревме во стоковните куќи, квалитетен домашен текстил, од плата остануваа пари да се оди на летување. Се радувавме на државните празници, се одеше на излет во природа, гости доаѓаа ненајавени.
Секој кој сакаше да работи, веднаш по завршување на средното училиште можеше да најде работа.
Имавме квалитетни детски серии, списанија, се читаа стрипови, имавме едукативни телевизиски програми наместо денешните реални шоу програми кои и се нудат на младината. Бесплатно здравство, образование, сигурност… се само дел од сеќавањата кои ги објавуваат ју-носталгичарите за земјата од која остнаа само стари географски карти на ѕидовите на оние жалат по минатите времиња кога државата ја водеше Маршалот Тито.
Вики Клинчарова