Универзитетскиот професор и прв шеф на македонската дипломатија, Денко Малески, кој во последно време се спомнува повторно како можен адут на СДСМ за престојаните претседателски избори, изјави дека не знае дали владејачките партии би можеле да изградат консензус околу него. Доколку може, изјави Малески, тоа би било предмет на сериозно размислување од моја страна, пренесе весникот Независен.
– Тоа е товар околу кој вреди човек сериозно да размисли и веројатно да постави некакви услови за таков ангажман – изјави Малески во интервју за ТВ Клан.
На истата телевизија, минатата недела, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, ја реактуелизираше идејата за консензуален претседателски кандидат, што ја пласираше првпат во времето кога беше во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ – пред последните претседателски избори во 2014 година.
– Ние сакаме консензуален претседател и секако дека можеме да зборуваме и за имиња, но за тоа е многу рано – рече Ахмети.