Денис Бојаров, автор: Сум прекратувал туширање кога инспирацијата ми доаѓаше на гости!

by Fokus

На почетокот на оваа седмица излезе збирката раскази „Нека играат децата“ на авторот Денис Бојаров. Оваа книга е во издание на книжевниот центар Антолог, а се состои од 51 расказ.

Водечкиот расказ „Нека играат децата“ освои награда за „Најдобар расказ“ на Меѓународната манифестација „Планетопија“ 2019 година.

Бојаров во интервју за „Фокус“ раскажа нешто повеќе за неговото творештво, најновата книга и борбата со инспирација.

Не можам да кажам дека „работев“ на книгата, затоа што расказите ги пишував само кога имав инспирација и мотивација, односно во период од неколку години. Немав намера да ги издадам, но читателите на неколку од нив инсистираа печатено издание. На овој чекор се одлучив откако видов дека ми стигнуваат пораки од луѓе што воопшто не ги познавам, кога почнав да добивам награди за нив, па телевизиите почнаа да ме канат на гостувања и тоа некои само заради еден расказ“, го започна разговорот Бојаров.

„Нека играат децата“ е збирка наменета за возрасни читатели, која обработува социолошки, психолошки и филозофски теми поврзани со децата, со семејството, но и со човекот, воопшто.

Нараторот преку гласот на децата, преку родителите, животните и растенијата комуницира со читателот и му дава еден готов производ од ликови и настани од нашето поднебје, со кои сите ние се идентификуваме. Педесет и еден расказ на број, тематско слични, а сепак со поинакво сиже и поуки. Ова се раскази што ќе ја поттикнат емпатијата во вас“, додава тој.

Големите мајстори на пишувањето имале свои необични ритуали, кои предизвикуваат внимание. Ернест Хемингвеј се будел во зорите, пишувал стоечки на машина за куцање до попладне, а потоа одел во блискиот бар, додека пак Виктор Иго своето ремек дело „Ѕвонарот на богородичната црква во Париз“ го напишал потполно гол.

Нашиот соговорник вели дека немал некаков ритуал за пишување, затоа што инспирацијата се вклучувала во секакви моменти.

Пишував кога инспирацијата ми доаѓаше на гости, па гледав максимално да ја нагостам пред да ја испратам. Дури сум прекратувал и моменти на туширање кога ќе ми заѕвонеше ѕвончето на инспирацијата. Сум пишувал во градски и меѓуградски автобуси, во кујна за време на ручек и сл. Локацијата ми немала апсолутно никакво значење во однос на пишувањето“, раскажува тој.

Бојаров вели дека најмногу пишувал во меѓуградски автобуси на релација Радовиш-Скопје, а најголем дел од расказите се создавани во вечерните часови.

Тоа е патување што трае два и пол часа. Ако тогаш не ви се роди идеја или не ја сретнете инспирацијата по пат на некоја придружна станица, тогаш веројатно пишувањето не е вашето хоби или професија. Најчесто сум патувал приквечер околу 19:00 часот, па ете, најголем дел од расказите биле пишувани тоа време. Имало и такви што биле пишувани и во 3 часот изутрина кога не сум можел да заспијам, па сум станувал да забележам нешто што ми е испратено во мислите. Генерално, сум пишувал во секое време од денот“, посочи Бојаров.

Секој писател се обидува на некаков начин да влијае врз публиката, а тој вели дека намерата му била да се споделат убавите мисли.

Читателите, а воедно и моите рецензенти забележаа дека комуникацијата на авторот со читателот и праќањето порака во и преку текстот, секако на еден суптилен, скриен и деликатен начин е, можеби, најсилната алатка на овие раскази“, истакна писателот.

Талентот за пишување, раскажува нашиот соговорник, треба да се сподели и со другите, а не да се чува само за себе.

Пишувањето е една авантура во која се спуштив доброволно и со многу љубов, затоа што пишувањето е љубов. Ако ја имате таа љубов и дарба, вие сте должни да ја дадете на останатите. Тоа е исто како да имате дарба за пеење, а да си пеете себично само дома под туш. Тоа што ви е дадено, треба да го споделите несебично со сите“, вели тој.

Поддршката од најблиските е многу важна за творештвото на еден интелектуалец, раскажува авторот.

Ако ја имате поддршката од семејството и читателската публика, останатото не е толку важно. Потребно е некој да го забележи вашиот дар за кој, можеби, не сте ни свесни и да ви го покаже вистинскиот пат. Мајка ми беше таа што го забележуваше мојот писателски афинитет и ме водеше по патот на моето предодредение“, додава Бојаров.

Целиот процес на издавање на книга некогаш делува дека е премногу комплициран, но тој има среќа неговите раскази да бидат препознаени од издавачите.

Според информациите што ги добив од некои автори со кои комуницирав, добив впечаток дека е навистина тешко, особено кога издавачката куќа ги покрива целосните трошоци на еден писател. Јас ја имав таа среќа расказите да ми бидат препознатливи и од издавачите, па речиси од сите издавачки куќи што ги контактирав преку е-пошта, добив потврден одговор за интервју во врска со печатењето на книгата. На крајот, се одлучив за Антолог поради повеќе причини, од кои едната е тоа што јас себеси се пронаоѓам во нивните изданија“, истакна авторот.

Тој вели дека сè уште е во еуфорија и очекува мислења и критики за книгата. Како што вели Бојаров, останува тоа што ќе кажат читателите за ова дело.

Македонскиот јазик во последните неколку месеци е на силен удар од нашиот источен сосед Бугарија. Бојаров вели дека јазикот го знаеме онолку колку што му даваме значење.

Некои од нас му даваат повеќе значење, па го знаат подобро, а некои му даваат помалку и го знаат помалку. Јазикот се чува најпрво од главата на една земја. Погледнете ги таблите на границите, на речиси секоја од нив наместо „Добре дојдовте во Македонија“, неправилно пишува „Добродојдовте во Македонија“. Рибата смрди од главата“, порачува тој.

Рецензенти на оваа книга се Венко Андоновски и Фросина Пармаковска, мислење кое сака да го чуе секој дебитант, вели Бојаров.

Јас сум им бескрајно благодарен и на двајцата за нивната заложба, затоа што, можеби ќе звучи нескромно, но тие се едни од водечките великани на македонската книжевна сцена, со сериозни книжевни ракописи и награди зад нив. Верувам дека секој дебитант би посакал да чуе нивно мислење за својата книга. Јас бев пресреќен кога прифатија да напишат свои видувања за книгата“, го заврши разговорот нашиот автор.

Цената на книгата во книжарниците на Антолог со лојална картичка е 250 денари. Картичката се добива бесплатно во книжарниците, а цената за онлајн нарачка е 300 ден. Книгата е дел и од пакетот 3 книги за 750 денари од Првиот е-саем на книга на Антолог. Онлајн нарачките се прават на овој линк: http://www.antolog.mk/index.php?route=product%2Fproduct&product_id=720&fbclid=IwAR3r6WtneZE38F6mWFvHJG8GZCE8Tx1aKabh2Ih71hi5W5v4Ew7Sq0P7U4I.

Збирката раскази наскоро ќе биде достапна и во други книжарници и градови каде што ги има изданијата на Антолог.

Јорданчо Цветаноски

Поврзани новости