Во седиштето на Бихаќка денеска попладне се очекува седница на Центарлниот одбор на СДСМ на која треба да стане збор за кадровските промени во партиските редови, но и во извршната власт што ги најави премиерот и лидер на партијата Зоран Заев меѓу двата круга од претседателските избори.
Еден од првите потези на Заев во рамки на т.н. операција „метла“, беше смената на претседателите на 78 општински организации на СДСМ, а за почетокот на јуни најави дека ќе следат смените во општествениот сектор, односно во јавните претпријатија, министерствата, Владата и сите владини институции.
Во врска со најавените промени во извршната власт, Заев на почетокот од оваа недела на „Илинденска“ бр.2, имаше средба со коалицисикиот партнер – лидерот на ДУИ Али Ахмети на која е договорено да се спроведат прво консултации во двете политички партии, а за следната недела најави нивна нова средба.
-Целта на овие иницијативи е обезбедување кадровски решенија за зајакнување на капацитетите на институциите, во насока на исполнување подобри резултати на економски план и исполнување на очекувањата на граѓаните, соопштија од Владата.
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, во изјава за медиуми рече дека остануваат на барањето за проверка на пратениците и функционерите кои вршат јавна дејност и дека барал совети за примена на ветингот, со што ќе се спречат нападите кон функционерите и ширењето лажни вести.
Според пратеникот од ДУИ Артан Груби, ветингот што ДУИ го предлага, нема врска со метлата на Заев. Партијата планира да има двоен ветинг, еден партиски со кој ќе се проверуваат кандидатите за членство во ДУИ, и еден институционален.
– Било да е пратеник, министер, директор или кој било треба да биде проверен пред да се именува. Да се гарантира дека човекот кој ќе го изгласаме во Собранието е кристално чиста личност без дамка во кариерата, изјави Груби.
Во коментар на неговата изјава Заев рече дека сите коалициски партнери имаат право да даваат свои коментари, но и да знаат што ќе се случи со реконструкцијата на Владата.
– Јас сум мандатар, тие можат да гласаат во Парламентот или не кога ќе ги дадам предлозите за промени во Парламентот. Артан Груби е пратеник во Парламентот. Тој и неговата пратеничка група од ДУИ ќе се изјаснат за решенијата. Затоа имав средба со лидерот на нивната политичка партија, ДУИ , за да знаат навремено кои чекори ќе ги преземам, согласно тоа да си донесат одлуки, да се разговара во партијата и сл., рече Заев, одбивајќи да лицитира со имиња.