Денеска времето во земјава ќе биде тивко и релативно топло за овој период од годината, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи. По котлините во поголемиот дел од денот ќе има појава на магла или ниска облачност, додека во останатите делови од државата се очекува сончево време со мала до умерена облачност и слаб до умерен ветер од јужен правец.
Утринската температура се движи во интервал од минус два до пет Целзиусови степени, а максималната дневна ќе достигне од шест до 15 степени.
Во Скопје, според синоптичарите, денеска ќе биде претежно облачно и тивко со појава на магла. Минималната температура во главниот град ќе се спушти до два, а максималната дневна ќе достигне до седум Целзиусови степени.
Според најавите од Управат за хидрометеоролошки работи (УХМР), утре кон крајот на денот и во деновите од викендот ќе има повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Поради спуштање на постудена воздушна маса со засилен ветер од северен правец, во сабота врнежите постепено ќе преминуваат во снег и во повисоките, а во недела и во пониските места. Локално, според УХМР, се очекува врнежите да бидат пообилни.