Претседателот на Собранието – Јован Митрески денеска попладне се очекува да ги распише претседателските и парламентарните избори 2024.
Седмите претседателски избори, според политичкиот договор, треба да се одржат на 24 април, додека на 8 мај ќе се одржат 11-те парламентарни избори, коишто овојпат ќе бидат редовни.
Доколку има втор круг од претседателските избори, тие ќе се совпаднат со парламентарните избори и ќе се одржат на 8 мај.
Според Изборниот законик, по потпишување на решенијата за распишување на изборите, тие треба да бидат проследени до Државната изборна комисија (ДИК), која ќе усвои роковници со што почнуваат изборните дејствија. Кампањата за претседателските избори се очекува да започне на почетокот на април и неколку дена да се совпадне со кампањата за парламентарните избори. Според објаснувањата од ДИК, за двата изборни процеса ќе има посебни роковници за спроведување на изборните дејствија.
Согласно членот 8а од Изборниот законик, од денот на донесување на одлуката за распишување на избори, односно од денеска до завршување на изборот на претседател и пратеници во Собранието и изборот на Владата, согласно со резултатите од изборите, не може да се започне со изградба со средства од буџетот или од јавни фондови или со средства на јавни претпријатија и други правни лица што располагаат со државен капитал на нови објекти во инфраструктурата како патишта, водоводи, далноводи, канализација, спортски игралишта и други објекти или објекти за општествени дејности како училишта, градинки и други објекти, освен ако за таа намена претходно се обезбедени средства од буџетот, односно се работи за реализација на програма донесена врз основа на закон во тековната година.
Исто така не може да се вршат исплати на надоместоци од буџетски средства или од средства на јавните фондови кои не се редовни месечни исплати, ниту да се оттуѓува државен капитал или да се потпишуваат колективни договори. Нема да може да се започне постапка за вработување на нови лица или постапка за престанок на работен однос во државни и јавни институции, а започнатите постапки се ставаат во мирување, освен во случаи на итни и неодложни работи.
Во периодот од 20 дена пред отпочнување на изборната кампања, сè до завршување на изборот на претседател и пратеници во Собранието и изборот на Владата, согласно со резултатите од изборите не може да се одржуваат јавни настани по повод започнување на изградба или пуштање во употреба на објекти изградени со средства од Буџетот или од јавни фондови, или со средства на јавни претпријатија или други правни лица што располагаат со државен капитал. Под забрана за одржување на јавни настани не се подразбира давање на јавна изјава на носител на јавна функција или кандидат за носител на јавна функција на митинг, интервју на медиум, дебата на медиум или одговор на новинарско прашање.
Исто така од денеска до завршување на изборот на претседател и пратеници, Министерството за финансии е должно сите буџетски исплати, освен редовни плати, пензии и комунални трошоци, да ги објавува јавно на интернет страна во посебна база за буџетски трошоци во изборен период.
Министерството за финансии две недели по распишување на изборите поднесува предизборен финансиски извештај во кој ќе биде опфатен преглед на сите планирани и реализирани приходи и расходи од Буџетот по ставки, во периодот од почетокот на фискалната година до денот на поднесување на извештајот кој се објавува на веб страната на Министерството за финансии.
Јавните фондови, јавните претпријатија и сите други правни лица што располагаат со државен капитал, во рок од десет дена од денот на донесувањето на одлуката за распишување на избори за претседател и пратеници во Собранието, се должни до Државната комисија за спречување на корупцијата да достават податоци за бројот, видот, регистарската таблица и возната состојба на моторните возила со кои располагаат. Податоците се доставуваат во електронска форма на образец кој на предлог на ДКСК го пропишува ДИК.
ДКСК на својата веб-страница го објавува регистарот на службени моторни возила на јавните фондови, јавните претпријатија и сите други правни лица што располагаат со државен капитал. Доколку правните лица не достават податоци, ДКСК покренува прекршочна постапка во рок од 15 дена од истекот на рокот за доставување на податоците.
Како подготовка за одржување на парламентарните избори на 28 јануари годинава, на 100 дена пред изборите беше формирана техничката Влада чиј претседател е Талат Џафери. Тој со неа ќе раководи до изборот на нова политичка влада.