Денеска во Солун се закажани протести на неколку грчки здруженија на Македонците под мотото „Македонија значи Грција“.
Овој протест се спрема веќе неколку денови, а низ цела Грција се делат летоци и се повикуваат граѓаните да дојдат.
Во центарот на Солун од вчера веќе се залепени плакати како најава за собирот, на кои пишува „Македонија значи Грција“. А токму ова заедно со слоганот „Македонија е една и грчка“ се очекува да биде главното мото на протестот. Според организаторите, јавува дописникот на МИА од Атина, се очекува да се соберат околу 30 илјади граѓани, кои со организиран превоз, со 500 автобуси од доцна синоќа, од цела Грција, пристигнуваат во Солун.
Организатори на собирот се грчки здруженија и организации од дијаспората, а имаат поддршка меѓу другото и од политички партии, спортски и христијански здруженија, градоначалници и митрополити од различни општини. Преку протестот, бараат да не се користи терминот „Македонија“ во името на нашата земја.