Во Кривичниот суд денеска треба да продолжи судењето за предметот „Тенк“ за набавката на луксузниот „мерцедес“ вреден 600 илјади евра во кој обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешната министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и поранешниот помошник министер во МВР Ѓоко Поповски.
На вчерашното целодневно рочиште се слушаа прислушувани разговори кои се доказ во постапката. Претходно, беа отфрлени барањата на одбраната „бомбите“ да не се пуштаат во судница и за изземање на претседателот на Кривичниот суд Иван Џолев и судечкиот совет. СЈО тоа го оцени како обид на одбраната на обвинетите за одолговлекување на судењето.
Иако Груевски вчера, откако во судницата одекнаа „бомбите“ за набавка на „мерцедесот“ побара денеска да нема судење со цел да присуствува на собраниската седница на гласањето доверба на Владата, судот сепак одлучи рочиштето да продолжи денеска.
Во една од „бомбите“ кои беа вчера објавени, екс министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска разговара со Груевски и му вели дека човекот од кој ја очекуваат спецификацијата за „мерцедесот“ е договорен.
„За да не ни улета некој друг“, му вели таа на Груевски, зошто според неа, понудата е 100 проценти електронска и има малку простор за интервенција. Вели дека би можела да влета конкурентската фирма, ама не би требало да има проблем.
Тоа на „м“, Јанкулоска и бившиот генерален секретар на владата, Кирил Божиновски, меѓу себе го викале „триаголникот“.
„Ние ова го праиме за да биде извесно, а за набавката на 150 возила да биде неизвесно за да се спушта цената“, му вели Јанкулоска на Божиновски во една од бомбите.