Во Собранието вчера започна дебатата по Информацијата за содржината на Предлог-преговарачката рамка за старт на пристапните преговори на земјава со Европската Унија, со обраќање на премиерот Димитар Ковачевски, кој порача дека овој европски предлог за деблокирање на нашиот евроинтеграциски процес и за старт на преговорите на земјава со ЕУ на вистински начин ги отсликува нашите дефинирани позиции.
Претходно, во обраќање пред пратениците, пак, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен истакна дека со прифаќање на предлогот земјава ќе направи уште еден чекор кон ЕУ и дека сега е моментот да продолжиме напред „кон нашата заедничка иднина во ЕУ со Северна Македонија како полноправна членка“.
Премиерот Ковачевски пред пратениците порача дека со понудениот предлог, македонскиот јазик јасно се прецизира како единствен, признат и прифатен јазик за Европската Унија.
– Тоа е тоа што го баравме. Нашата национална ДНК, македонскиот јазик, да биде службен и единствено официјален јазик. На македонски јазик ќе се зборува официјално и во Брисел и во сите европски престолнини. Тоа е најголемото достигнување, најважниот успех, истакна премиерот, додавајќи дека сите билатерални прашања не се дел од Преговарачката рамка со Брисел и таа е ослободена од ваков тип на прашања.
Тој нагласи дека смета оти овој единствен европски предлог е најдоброто можно решение во моментов, но и во следниот период, кој ги задржува црвените линии и во исто време дава конечно почеток на преговори.
– Добиваме конечно, по 17 години чекање, и многу најави, и многу разочарувања по нив, официјален почеток на преговорите со средба на целата Влада со Европската Комисија. Со сите нишани и стандарди. Е тоа е, почитувани пратеници, единствената вистина во оваа олуја на манипулации, шпекулации, лажни вести и намерни и ненамерни штети и креирање криза и дестабилизација на државата. На ваков предлог, кој целосно ги отсликува нашите државни интереси и црвени линии, јас, Владата и претседателот на државата, кажав и кажавме ДА, потенцира Ковачевски.
Тој истакна дека и досега имавме тешки, но нужни одлуки и кога ги носевме Рамковниот и Преспанскиот договор и по нив државата опстои, не пропадна, не се подели, туку напротив влезе во НАТО.
– Со прифаќањето на европскиот предлог, Преговарачката рамка и заклучоците на Собранието, остануваме на единствениот пат, за кој повеќе од 30 години, никој не понуди алтернатива. Многу значајно, почнуваме забрзано да се движиме и да ја менуваме државата, преку процесот на преговори, додаде Ковачевски.
Претседателката на Еврокомисијата, Фон дер Лајен во обраќањето пред пратениците порача дека денеска е тука затоа што Европа не чека и се надева дека ќе направиме уште еден чекор кон Европската Унија како полноправна членка.
– Вашата држава е кандидат да стане земја членка на ЕУ од 2005 година, а многумина од вас овде и многу други кои се отсутни, работевте напорно да станете членка на ЕУ, но сега сите мора да го свртиме погледот напред и мора да ја искористиме можноста пред нас да ги започнеме пристапните преговори и да работиме заедно на патот што ве води кон ЕУ, истакна Фон дер Лајен.
Таа нагласи дека нема сомнеж оти македонскиот јазик е наш јазик и ЕУ целосно го почитува тоа. – Затоа во ревидираниот предлог стои македонски јазик без квалификација од ЕУ. Принципот на самоидентификација е особено важен за секој од нас. Може да сметате на мене како претседател на ЕК дека ќе осигурам процесот за пристапување строго да ги почитува европските принципи и стандарди, изјави Фон Дер Лајен, додавајќи дека билатералните прашања како што е толкувањето на историјата не се услов во пристапните преговори.
Претседателката на Европската комисија посочи дека со прифаќање на првиот чекор од ревидираниот француски предлог веќе следната недела е можен почетокот на пристапните преговори.
– Сите сте свесни и запознаени со овој ревидиран предлог. Ги штити вашите интереси и ги зема предвид грижите на сите страни. Бидете уверени дека ЕК секогаш била покрај оваа држава, на ваша страна и продолжува да стои на ваша страна, порача Фон дер Лајен.
Во расправата во Собранието по обраќањето на премиерот, за време на кое пратениците од ВМРО-ДПМНЕ со вувулзели, труби и свирки правеа бука за да не може да се чуе што говори и држеа транспаренти „предавници на народот“, „јазикот и идентитетот“, „народот вели не, свестете се“, опозициските пратеници порачаа дека нема да дозволат „да се отвори Уставот и да се промени“ и обвинија дека со понудениот предлог се задира во јазикот, идентитетот и историјата и се прави „бугаризација“. Пратениците од власта пак возвратија дека „паднале во вода сите лаги и манипулации“ на ВМРО-ДПМНЕ и партијата треба да им се извини на граѓаните за ширењето „лаги и небулози“.
По обраќањето на Фон дер Лајен, на прес-конференција лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски изјави дека партијата има три дилеми од нејзиниот говор. Според него, првата дилема е дали преговорите ќе почнат веднаш со одржување меѓувладината конференција или по промена на Уставот.
– Втора дилема е прашањето за историјата. Се спомна дека нема да зборуваме за историјата, но тоа не го говори членот 14 од истиот документ. Според член 14, ќе зборуваме за се, само не за иднината. Ќе зборуваме за проблеми од минатото односно како во 21 век да се асимилира македонскиот јазик и да се уништи македонскиот идентитет, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Трета дилема, според него, е во однос на членот 3 во воведната изјава каде стои дека Преговарачката рамка ќе биде преведена на македонски јазик, но бугарската стана ќе даде еднострана изјава како таа го гледа македонскиот јазик. – Во членот 3 јасно стои дека ќе имаме унилатерална изјава од нашиот источен сосед дека македонскиот јазик е најверојатно некоја верзија на бугарскиот јазик, рече Мицкоски.