Денеска во Кривичниот суд ќе биде објавена пресудата за случајот “Плацевите на Водно”, односно за тајниот имот на екс премиерот Никола Груевски.
Освен Груевски обвинети се и екс директорот на УБК, Сашо Мијалков, Ристо Новачевски, Ненад Јосифовиќ, Орце Камчев и Ратка Куновска-Камчева за која обвинителството во завршните зборови се откажа од кривичен прогон.
Според обвинението, Груевски како претседател на ВМРО-ДПМНЕ, дел од партиските донации што ги добивал, лично или преку општинските комитети, ги задржувал за себе, па така прибрал најмалку 1,3 милиони евра.
Од октомври 2012 до септември 2013 година, парите ги потрошил со купување градежно земјиште на Водно. Во текот на судењето се откри дека тој земјиштето го “трампал” за три луксузни стана во комплексот “Панорама” на Водно, а му беа откриени уште два стана, уште едно земјиште на Водно и две парцели во Крушево.
На обвинетите им се закануваат затворски казни од 1 до 10 години. За дел од нив се очекува казните да бидат поблаги, бидејќи соработуваа со обвинителството, односно го потврдија обвинението.
В.В.