Денеска во Кривичниот суд треба да биде објавена пресудата за случајот „Еразмус“, во кој еден од обвинетите е и поранешниот декан на Економскиот факултет, Бобек Шуклев.
Судењето неодамна почна од почеток бидејќи еден од поротниците замина во Германија, но доказите не беа повторно изведувани, туку само се прочитаа и потоа следуваа завршните зборови за овој случај.
Во случајот обвинети се неколку професори на Економскиот факултет, Славе Ристески, Драги Јанев, Стојан Дебарлиев, Шуклев и демонстраторот, Драган Денковски.
Еден од сведоците кој првично беше обвинет, а потоа стана сведок на обвинителството пред судот обелодени дека Шуклев барал пари или секс од студентки за оценка.
Предметот „Еразмус“ беш отворен во јуни 2016 година. Професорите се сомничат дека барале и примале поткуп од 500 до 1.000 евра за да им пишат преодна оценка за положен испит на студенти без знаење, а имало случаи кога студенти добиле шестка иако немале право да го полагаат испитот или не им бил пријавен во таа испитна сесија.