Денеска пресуда за Јанкулоска во „Тенк“

by fokus

Во Кривичниот суд денеска треба да биде изречена прсудата за издвоената постапка за Гордана Јанкулоска за предметот „Тенк“.

Обвинителството, во завршниот збор на 3 октомври, побара Судот да ја прогласи Јанкулоска за виновна за злоупотреба на службена должност и овластувања, како и да ги подмири трошоците заедно со Поповски и Груевски во висина од 313 илјади денари.

Обвинителката Фатиме Фетаи, во завршен збор наведе, дека од изнесените докази јасно се гледа дека Јанкулоска го поттикнала Поповски да набави блиндирано возило за МВР и тоа да се даде на користење на премиерот Груевски.

– Обвинетата Јанкулоска е виновна за злоупотреба на службена должност, бидејќи таа била свесна за своето дело и го сакала спроведувањето. Предлагаме Судот да ги земе како отежнувачка околност степенот на одговорност, а како олеснителна околност семејната состојба, рече Фатиме.

Одбраната, во завршен збор, пак, рече дека во постапката било грубо нарушен принципот на еднаквост на оружјата, СЈО не ја докажало својата надлежност, како и дека Судот треба да донесе пресуда за дејствие што наводно се случило пред шест години врз основа на докази кои во најголем дел се прибавени со кршење на домашните и меѓународни права.

Обвинетата Гордана Јанкуловска во завршен збор, рече дека додека траела постапката таа требало да се грижи за неколкумесечно бебе, како и дека била изложена на медиумски линч со објавување делови од незаконско стекантите аудио разговори.

– Во ниту еден момент во мене не постоела умисла да поттикнам некого за набавка на возило. Како министер никогаш и на никого не сум вршела притисок и ниту сум потпаднала под нечиј притисок. Судот во однос на мене треба да донесе ослободителна пресуда, рече Јануколовска.

Судењето за Јанкулоска почна на крајот на август годинава, откако обвинетата се породи. Нејзе и се суди посебно откако Судот го прифати барањето на адвокатите за лекарското боледување поради нејзината бременост.

Во „Тенк“ претходно беа осудени поранешниот премиер Никола Груевски на две години казна затвор и поранешниот помошник министер во МВР, Ѓоко Поповски на 6,6 години затвор, за набавка на блиндирано моторно возило „Мерцедес С 600 Гард“ во вредност од 600 илјади евра.

Двајцата се жалеа до Апелацискиот суд за висината на казните. Апелација во петокот соопшти дека жалбата на Груевски е отфрлена и му ја потврди затворската казна од две години. На Поповски, пак, пресудата му е преиначена на четири ипол години затвор.

Поврзани новости