Денеска пред Влада нов протест за случајот Онкологија

by Fokus

Под мотото „Правда за жртвите“ денеска пред Влада во 18 часот е најавен нов, трет протест за скандалот на Клиниката за онкологија.

Според најавата на Фејсбук, протестот ќе продолжи пред зградата на Основното јавно обвинителство каде ќе се побара судска разрешница за инволвираните во скандалот, но и за, обелоденување на информациите околу истрагата за трагедијата во модуларната болница во Тетово.

„Ултиматумот од минатата недела не е исполнет, особено барањето ОЈО да излезе со детали за текот на истрагата во рок од една недела и поради тие причини протестите ќе ги интензивираме. Нашите барања и ултиматум од овој протест, се: Истрага за инволвираноста на поранешниот министер Венко Филипче и директорот Нино Васев, проширување на истрагата на работата на Детска онкологија, целосна ревизија на работата на Клиниката за Онкологија, правосилни судски пресуди за сите инволвирани во злосторството и криминалот на Онкологија, обелоденување на инфорамциите од истрагата за трагедијата во модуларната болница во Тетово и одговорност од ЈО кое одлучи дека нема кривичо дела во трагичниот случај со малата Јана од Битола“, се посочува во најавата за протестот.

Првиот протест се одржа на 4 септември, а вториот на 11 септември.

Неделникот „Фокус“ објави серија текстови за криминалот со препродавање скапа биолошка терапија на Клиниката за онкологија, која е воведена од 2019.

Според изворите на „Фокус“, во оваа шема се вклучени повеќе лекари и медицински персонал на клиниката.

Криминалот, како што пишувавме, е вршен така што во системот се внесувале и блиски роднини на екс менаџментот на клиниката кои не се болни од рак, но лековите што се наменети за нив се препродавале.

Од ОЈО соопштија и дека е извршен распит на повеќе вработени на Клиниката за онкологија, двајца експерти, како и дека се распитуваат пациенти кои се јавиле доброволно на линијата на ОЈО, за да помогнат на истрагата со свои сознанија.

Истовремено, од ОЈО истакнаа дека ќе побараат податоци и од Косово и Албанија за пациенти кои се лекувале со одредени терапии во Македонија, како и за евентуални сознанија за илегална препродажба на лекови за третман на онколошки пациенти во тие земји.

 

Поврзани новости