Денеска портокалова фаза, де са избегнува директно изложување на сонце

by Fokus

Сончево и топло, со слаб до умерен ветер од јужен правец, максимална температура до 38 степени и УВ индекс 9. Вакво ќе биде времето денеска, а од утре, под влијание на многу топла воздушна маса, се очекуваат над 40 степени и активирање на т.н. портокалова фаза.

Според УХМР, само во петок ќе има извесно зголемување на облачноста.

Надлежните апелираат, поради најавените високи температури, да се почитуваат препораките за заштита, не само за неизложување на директно сончево зрачење, туку и за внимателно консумирање храна, правилно однесување при движење на отворено и во природа, како и правилен третман на домашните, фармски животни.

-Граѓаните да избегнуваат престој на отворено во периодот од 11 до 17 часот, да носат светла и лесна облека, а при директна изложеност на сонце да носат заштитни очила и капа, да конзумираат лесна храна и течности, да внимаваат при подготовка и конзумирање на храната, да избегнуваат термички необработени производи како мајонез од домашни јајца, внимателно да консумираат сладолед и разни кремови, да внесуваат поголемо количество течности, најдобро обична вода за пиење, да избегнуваат алкохолни пијалаци, а пред влегување во возило, одреден период да го проветрат, истакнуваат надлежните.

Во топлите денови се препорачува граѓаните да останат во затворени простории, пред се климатизирани, а при неопходен престој на отворен простор, да најдат можност за почести одмори под сенка. Хронично болните лица редовно треба да ја земаат пропишаната терапија.

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) посебно предупредува, дека топлото време е ризик од труење со храна. Овошјето и зеленчукот пред употреба темелно да се измијат под млаз вода, месото, млекото и јајцата термички добро да се обработат. По подготовката, изладена, храната да се чува во фрижидер. На најгорните полици да се чува зготвената храна, а на подолните суровата. Храната да се заштити од инсекти, глодари и од домашните миленичиња, како и другите животни кои може да дојдат во контакт со неа. Ако, пак, се јаде во угостителските објекти, тоа да се оператори кои се грижат за хигиената и безбедноста на храната и да имаат добра репутација. Во објектите за брза храна да се одбегнуваат додатоците кои не стојат во ладилник (мајонез, кечап, крем салати, сосови, преливи).

-Доколку сметате дека храната не е безбедна, не ризикувајте, фрлете ја. За да се спречи труење со храна, неопходно е да се направи правилен избор при нејзина набавка, да се обезбеди соодветен транспорт и услови за чување. Да се води сметка за изгледот, рокот на употреба и соодветното чување, да се купува од проверени места каде има услови и каде производите, особено лесно расипливите од животинско потекло се чуваат во разладни уреди. Да се избегнува да се купува и консумира храна со оштетена амбалажа (нагмечена, надуена или напукната), разладените или замрзнатите производи да се купуваат на крајот од пазарењето, а лесно расипливата храна како што е месото, млекото јајцата и друго да не се чуваат долго време во автомобили и во други транспортни средства. Да се одбегнува купување на и разладена или замрзната лесно расиплива храна која се чува надвор од ладилник или замрзнувач, порачува АХВ.

Агенцијата воедно укажува дека високите температури се стрес за секое животно кој се манифестира со намалено консумирање храна, зголемена потреба од вода, намалено производство на млеко и слаб прираст. Високиот процент влага и недоволната вентилација во објектите може да бидат причина за појава на топлотен удар кај животните, а сончаницата се појавува како последица на непосредно, директно изложување на сонце. Исходот може да биде фатален и во двата случаја, ако не се делува на време.

Напорната работа или транспортот на животните при високи температури, дополнително придонесува за влошување на состојбата. Забрзано и плитко дишење, несигурен од (тетеравење), изразена зголемена телесна температура, забрзан пулс, исплашен поглед, зголемена жед, тикови и грчеви на мускулите кои се јавуваат на крај, со неповолна прогноза, се дел од симптомите по кои може да се препознаат топлотниот удар и сончаницата кај животните за што е неопходна итна реакција.

-Во вакви услови животното треба да се смести во ладовина или во разладена просторија, каде има доволно количество на свеж воздух, да му се даде доволна количина свежа вода. Телесната температура да се намали со туширање/прскање со умерено ладна вода, или со покривање на главата и вратот со ладна и влажна крпа, но, треба да се внимава ладењето на животното да не биде премногу брзо. Сопствениците на домашни миленици животните да не се оставаат во затворен автомобил кој е директно изложен на сонце, а треба да водат сметка и да избегнуваат нивни прошетки во текот на најтоплиот период од денот. На животните да им се обезбеди доволна количина и постојана достапност до свежа и чиста вода и престој во проветрени простории, препорачува АХВ.

На фармите, дополнуваат од Агенцијата, треба да се внимава на населеноста (густината) на сместување на животните во објектите. Животните треба да бидат заштитени од директните дејства на сончевите зрачења, односно на испустите потребно е да има натстрешници или природни ладовини. Излегувањето на животните да се врши во раните утрински или вечерни часови, периоди кога треба да се организира и транспортот на животните или тие да се користат во работни активности, бидејќи тогаш температурите се пониски.

Дирекцијата за заштита и спасување, пак, аплеира да не се фрлаат цигари и догорчиња, стаклен отпад и стаклени шишиња, да не се пали оган и скара на отворен простор и шума, да не се дозволува децата да си играат со запалки, пламен и жар, да не се пали отпад и друг горлив материјал, ниту стрништа и меѓи, а ако се забележи пожар веднаш да се извести Територијалната противпожарна единица на бесплатниот телефонски број 193.

Покрај основните препораки за однесување во вакви услови, ДЗС презема и мерки за превентивно делување за заштита од можни шумски пожари и други пожари на отворен простор. Воедно апелира до општините, граѓаните и посетителите на земјава, да внимаваат кога се на отворено.

Дирекцијата потсетува дека од март е донесена забрана за движење во шума и шумско земјиште освен за вработените во ЈП национални шуми, а со цел зачувување на шумите, од 15 јули до 15 август на територијата на целата земја се спроведува Кампањата за заштита од пожари под мотото „Иднината им припаѓа на оние кои се подготвени – Природата е наша одговорност“

Извор МИА

Поврзани новости