Денеска почнува Венецискиот филмски фестивал, филмот на Теона Митевска ќе има премиера на 2 септември

by Fokus

Денеска се отвора 79. издание на Венецискиот филмски фестивал, на кој светска премиера ќе има и новиот филм на Теона Стругар Митевска, „Најсреќниот човек на светот“. Филмот, кој е копродукција на Македонија, Словенија, Хрватска, Белгија, БиХ и Данска, ќе учествува во паралелната официјална натпреварувачка програма Хоризонти, а премиерно ќе се прикаже в петок во салата „Дарсена“.

„Најсреќниот човек на светот“, кој после Венеција ќе игра и во селекцијата на фестивалот во Торонто (8-18 септември), потоа ќе има уште една јавна проекција, в сабота во киносалата „Палабиенале“.

Ова е првиот македонски филм кој се прикажува во Венеција од „Судијата“ на Жанета Вангели во 2002 и следува 28 години по триумфот на Милчо Манчевски со „Пред дождот“ кој го освои Златниот лав.

Венеција беше единствениот голем филмски фестивал кој не го откажа своето физичко издание во пандемијата, а сега ја отстрани и последната ковид рестрикција, „ѕидот“ со кој беше ограден црвениот тепих на Лидо во изминатите две години.

Фестивалот ќе трае до 10 септември.

Поврзани новости