Вечерва во Охрид почнува 61-то издание на големата културна манифестација „Охридско Лето“. Реномираниот меѓународен фестивал годинава свечено ќе биде отворен со гала балетскиот концерт „Големиот Чајковски“ во изведба на уметниците од Националната опера и Балет.
Повеќе од 90 балетски првенци, солисти, ансамблот и оркестарот на Националната опера и балет, предводени од диригентската палка на маестра Бисера Чадловска, што се носители на проектот веќе ги одржаа генералните проби на Антички.
Оваа година на програмата на Фестивалот се 34 уметнички концерти и шест театарски претстави. Повеќе од 500 уметници од 18 земји ќе бидат дел од манифестацијата, како и национални оркестри и театарски куќи.
Фестивалот ќе го отвори покровителот на манифестацијата – претседателот Стево Пендаровски. Пред публиката уште ќе се обрати и министерката за култура Ирена Стефоска, додека пораката на уметниците ќе ја пренесе Олга Панго, директорката на Националната опера и балет.
Меѓу имињата од областа на музичката уметност кои ќе бидат дел од „Охридско лето“ се Александар Штаркман, Ѓуљсин Онај, Вихан квартет, Ирина Графенауер, Мате Бекавац Кирил Родин, Жени Захариева, Маја Богданович, Даниел Родан, Стојан Димов и Дино Имери, Дарко Костовски, Васко Дантас, барокниот ансамбл „Театро ала мода“, Горѓи Цинциевски, Саимир Пиргу и Мерита Таршана, гудачки квинтет на филхармонијата од Загреб на чиј концерт ќе настапи нашиот млад виолинист Александар Иванов, Калина Мрмевска, Надја Неволовиќ, женскиот хор под раководство на диригентот Ивица Зориќ Менада, мешаниот хор на филхармонијата од Приштина, Елоизе Карлин, Барокни дијалози со камерниот ансамбл на Македонска филхармонија, Алесандро Фатони и Џорџо Мартану,Петру Иуга и Михаил Хориа, Хајди Елзесер и Ненад Лечиќ, Лирска вечер со фестивалски камерен оркестар и вокални солисти под диригентската палка на Паскал Галоа, Захариас Тарпагос и Валерија Харитиду, дуото гитари Горан Кривокапиќ и Даниел Церовиќ, Владимир Марковиќ и Јулијана Шуловиќ, Драган Средојевиќ и Ненад Ивовиќ.
Во драмскиот дел покрај четири домашни театарски продукции во Охрид ќе гостуваат уште и актерските екипи на Српското народно позориште од Нови Сад и Југословенскиот драмски театар од Белград.
Дел од програмата е и концертот на Националниот ансамбл „Танец“ кој јубилејот по повод 70-годишнината од формирањето ќе го одбележи со настап заедно со националниот хрватски ансамбл „Ладо“. Тука е и роденденскиот концерт на фестивалот со концертот на „Синтезис“, а голем интерес кај пошироката публика има и за најновиот проект „Нашата вечер во Охрид“ што српскиот драмски уметник и актер Иван Босиљчиќ специјално го подготвува за долго очекуваната средба со публиката на Фестивалот „Охридско лето“.