Денеска од почеток почнува судењето за предметот „Таргет – Тврдина“, откако Апелациониот суд во декември предметот го врати на повторно одлучување.
Претходно, Кривичниот суд на 26 февруари 2021 година за случајот „Таргет-Тврдина“, кој се однесува за масовното прислушување и уништување на опремата од УБК, изрече казна затвор од 55 години и 10 години условни казни, односно вкупно 65 години за 11 лица.
На поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков Судот му изрече казна затвор од 12 години за кривично дело „злосторничко здружување“, „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „примање награда за противзаконито влијание“.
Судот на поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски и вработениот во УБК Никола Бошкоски, кои се во бегство во Грција, во отсуство им изрече казна затвор од по 15 години.
Обвинетата поранешна министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска доби четири години казна затвор за кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“, поранешниот шеф на кабинетот на Мијалков, Тони Јакимовски е осуден на шест години затвор за кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „фалсификување службена исправа“, а началничката Надица Николиќ доби казна во траење од три години затвор за кривично дело „злосторничко здружување“ и „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Судот им изрече условни затворска казна од две години на обвинетите Владимир Варелов, Маријан Шумуликовски, Силвана Златкова и Васил Исаковски, за сторено кривично дело „злосторничко здружување“ и „злоупотреба на службената положба и овластување”. За обвинетата Валентина Симоновска Судот изрече условна казна затвор од две години за кривичнoто делo „фалсификување службена исправа“.
Судскиот процес започна на 22.12.2017 година против 11 лица. Во текот на постапката се одржани 53 рочишта, на кои се сослушано 123 сведоци, изведени 887 материјални докази и пет вештачења. Сослушани беа и голем дел од над 200 оштетени лица.