На третиот ден од Отворен Балкан на земјите членки Србија, Северна Македонија и Албанија што се одржува во Белград од 1 до 4 септември предвидено е премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, да го додели „Винскиот трофеј Отворен Балкан“ како дел од Првиот меѓународен саем за вино „Винска визија Отврен Балкан на Белградскиот саем“, јави дописникот на МИА од Белград.
За време на траење на Саемот, вината ги оценуваше жири составено од 25 меѓународни судии, од кои пет беа „мастери на виното“.
Натпреварот се организира во категориите бели, црвени, рози, пенливи, слатки, портокалови и збогатени вина, а посебни трофеи ќе бидат доделени на вина направени од автохтони сорти од Балканот.
На саемот учествуваат речиси 400 излагачи и производители на вино од повеќе од 22 земји, пред се од Србија, од Северна Македоија (42 винарии), Албанија и земјите од регионот, но и од целиот свет, Јужна и Северна Америка и Централна Европа.
Вчера се одржа политичкиот дел на Самитот Отврен Балкан, на кој покрај претседателот на Србија Александар Вучиќ, македонскиот и албанскиот премиер Димитар Ковачевски и Еди Рама, присуствуваа и црногорскиот премиер Дритан Абазовиќ, претседателот на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Зоран Тегелтија и министрите за надворешни работи на Унгарија и Турција, Петер Сијарто и Мевлут Чавушоглу.