Денеска ќе се знае кои обвинители ќе дојдат во тимот на Русковска

by fokus

Денеска Советот на јавните обвинители треба да избере пет обвинители во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.

-Донесување на одлука за избор на пет јавни обвинители во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција – Скопје, се наведува како петта точка на денешниот дневн ред.

Повеќе од еден месец Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција работи со пет обвинители помалку, на кои 4-годишниот мандат им истече на 1 февруари. Неодамна шефицата на Организиран, Вилма Русковска, во изјава за „Фокус“ истакна дека функционираат многу тешко, а на судења од 1 февруари одат само обвинителите кои се со мандат.

За испразнетите пет места во трка се 10 обвинители кои конкурираа на огласот кој заврши на 1-ви декември. Меѓу нив се оние обвинители со истечен мандат, Ивана Трајчева, Марија Ѓоргева, Валентина Беслимовска, Сузана Мирческа–Кузмановска и Енѓулуше Кадриу–Леши.

Останатите петмина кандидати се обвинителите: Златко Биковски, Елизабета Јосифовска, Наташа Сарамандова, Имран Османи и Арсим Адеми, кој во јавноста стана познат откако се спогоди со Зоран Милевски Кичеец, односно даде согласнос Кичеец да лежи 6 месеци затвор за сообраќајката кај Стража, во која загина едно лице.

Во април минатата година, пак, ова обвинителство го засилија петмина обвинители и тоа Лиле Стефанова, Артан Ајро и Трајче Пеливанов, кои беа дел од поранешното СЈО, како и Наташа Поп Трајкова од Основното јавно обвинителство-Струмица и Катерина Коларeвиќ од ОЈО-Скопје.

Валентина Вурмо

Поврзани новости