Денеска ќе се одлучува за полицискиот час за викендот и за рестораните

by Fokus

Комисијата за заразни болести денеска ќе расправа за траењето на полицискиот час за време на викендот и празниците во понеделник, како и за отворањето на угостителските објекти. И покрај малото зголемување на случаи, епидемијата е под контрола, рече вчера министерот за здравство Венко Филипче.

Нагласи дека мора сите да ги почитуваме мерките за сузбивање на ширењето на коронавирусот и дека мора да се навикнеме да живееме со вирусот. Заедничка констатација на Комисијата за заразни болести, како што рече министерот, е дека и покрај зголемениот број на новодијагностицирани случаи изминатите денови – епидемијата е под контрола.

Во изминатото деноноќие се регистрирани се 22 нови случаи на Ковид-19 од 533 тестирања, меѓу кои 203 во рамките на скринингот во градинките во Скопје и во Велес. Регистрирани се и 50 оздравени пациенти, додека двајца пациенти починаа.

Најави дека денеска ќе се расправа и за следните чекори на олабавување на мерки за одредени субејкти и економски оператори, кои ги најавиле за крајот на оваа недела, како и за следните чекори за евентуално дополнително олабавување на превентивните мерки.

Овој викенд се преклопуваат два празника – Денот на светите просветители св. Кирил и Методиј и муслиманскиот верски празник Бајрам. 

Филипче информира и дека од 14 мај, досега, се направени 908 тестирања на вработени во градинките во Битола, Скопје и Велес и сите освен еден резултат се негативни. Во Битола е завршен скринингот и тестирани се 322 вработени меѓу кои е и едниот позитивен случај.

Посочи дека се работи на протоколот за згрижување на децата во градинките и оти разменуваат детали Комисијата за заразни болести и тимот од Министерството за труд и социјална политика. Одговарајќи на новинарско прашање кога се планира отворање на градинките, Филипче рече дека целиот процес ќе биде искоординиран со враќањето на родителите на работа.

Во врска со отворањето на границите и тестирањето на луѓето што ќе патуваат, Филипче истакна дека земјава има капацитет да спроведе тестирања кај оние што ќе сакаат да патуваат доколку се донесе таква одлука да биде потребен тест за патување надвор од земјата.

– Постои начин да се направи тестирање. Работиме на еден систем на брзи тестови кои го идентификуваат вирусот, а апратот го има во неколку јавни здравствени установи и институции. Резултатот стигнува за еден час. Ако тоа е наша заедничка одлука може да го спроведеме, изјави Филипче.

Во однос на отворање на границите рече ќе почекаме да се официјализира документот со Грција, па да зборуваме конкретно за начинот на патување.

Вкупната бројка на Ковид дијагностицирани во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 1.839, бројката на оздравени пациенти е 1.351, на починати е 106, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 382.

Поврзани новости