Денеска ќе паднат остатоци од кинеската ракета, но не се знае точно каде

by fokus

Кина ги засили напорите за истражување на вселената во последниве години. Од испраќање различни вселенски летала на Месечината и Марс, изградба на сопствена вселенска станица до куп сателити кои орбитираат околу Земјата.

Но, проблемот е во тоа што штом ќе испратат ракета во вселената, тие навистина немаат контрола врз неа откако ќе ја заврши својата мисија. Веќе во неколку наврати се случило остатоците од кинески сателити и ракети да паднат неконтролирано на Земјата.

Едно такво парче тешко 21 тон, остаток од ракетата Long march 5B, би требало да се урне на Земјата. И тоа денес. Проблемот е што никој не знае точно кога и каде.

Станува збор за дел од ракетата што беше лансирана на почетокот на неделата за да го однесе третиот, или последен, модул на вселенската станица Тиангонг во вселената.

Иако астрономите ширум светот внимателно го следат местото каде се наоѓаат овие остатоци, кои паѓаат низ атмосферата на Земјата, сепак е тешко да се процени кога и каде ќе паднат.

Хрватскиот астроном Анте Радониќ пренесе информација според која на Земјата ќе паднат меѓу 5 и 10 тони отпад од кинеската ракета. Како што истакнува, една проценка е дека тоа ќе се случи нешто по пладне, но со можност да се случи три часа пред или потоа, пренесува Дневник.хр.

Она што е добро, од наша перспектива, е тоа што остатоците би можеле да паднат некаде во Северна Америка, Африка и Австралија или да ја избегнат Европа. Сите се надеваат дека остатоците од ракетата би можеле да избегнат копно и да паднат во некој од океаните, а со тоа да се намали опасноста од потенцијални човечки жртви.

Општо правило е дека помеѓу 20 и 40 проценти од масата на голем објект ќе стигне до Земјата, но точната бројка зависи од дизајнот на самиот објект. Во овој случај се очекуваат од 5 до 9 тони, објаснија од Aerospace Corporation, чиј тим внимателно следи што се случува.

Поврзани новости