Денеска има девет активни пожари, а горат и два национални паркови во Македонија.
По пожарот на Галичица кој е активен повеќе денови, од вчера избувна пожар и во националниот парк Маврово, над селото Врбен коe е оддалечено шест километри од Мавровското езеро.
Од управата на Националниот парк соопштија дека селото засега не е во опасност, но пожарот е критичен поради порастот на температурите и силниот ветер. На терен горат зимзелени ели високи до 30-тина метри.
Од рано утринава екипите на терен добиле помош од компанијата Бехтел и Енка, која на барање на директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, испратила булдожер за правење на заштитни појаси околу селото.
Пожарот пак на планината Галичица гори во неколку правци, а во неговото гаснење, покрај пожарникари и доброволци, учествуваат и охридски алпинисти кои значително полесно се пробиваат низ непристапните предели на оваа планина.
Дополнително, гаснењето на овој пожар, особено од охридската страна е отежнато, поради неексплодираните мини кои се остатоци од минатите војни.