Документарниот филм „1000 години-Сведок на светлината“, во режија на Илија Ико Каров посветен на Бигорскиот манастир, по повод големиот јубилеј на манастирот, кој го доловува духовниот монашки континуитет низ вековите, премиерно ќе биде прикажан денеска во 20 часот. Ќе се емитува на МТВ, на каналот Јутјуб и ќе биде споделен на официјалните Фејсбук страници на филмот и на Бигорскиот манастир.
Во 2020 година Бигорската Обител го прослави своето илјадалетие – 1000 години од нејзиното основање во 1020 година од страна на ктиторот, Архиепископот Јован Охридски Дебранин.
Според благословот и идеите на нашиот Старец и Игумен на Бигорската Обител, Епископот Антаниски г. Партениј, оваа ретка годишнина беше достоинствено одбележана со низа литургиски и културни прослави и собитија. Заедно со сите тие, беше предвидено и снимање на документарен филм, со што илјадагодишната историја би се претставила и на платното на „седмата уметност“. Меѓутоа, со оглед на тоа што изминативе години владееја вонредни околности поради пандемијата во светот, реализацијата на филмот малку се оддолжи. Сепак, по Божја промисла, тој излегува во право време, како заокружување и запечатување на настаните поврзани со одбележувањето на Бигорското илјадалетие, велат монасите Ефимија и Кирил.
Тие појаснуваат дека главната идеја за содржината на документарецот еосмислена од страна , Епископот Партениј, а да се состои од два основни дела: историографски, во кого ќе се презентира бигорското минато преку освртот кон најзначајните познати личности поврзани со него; и вториот дел, насочен кон поновата историја и кон сегашноста, во кого ќе се говори за современата дејност на Манастирот, за животот на Братството и за неговата мисија, презентирани преку годишниот богослужбен циклус.
– И монаштвото и уметноста го бараат таинственото – вдахновението и убавината коишто се кријат зад видливите нешта. „Сè е некаде на друго место“ – вели еден писател. Во голема мера тоа е точно. Па така, таинството на монаштвото не е ништо друго освен несфатливото и мистично дејство на Божјата благодат. Нашиот Старец често пати повторува дека „монаштвото е една од најголемите свети тајни во Црквата, бидејќи во него, на таинствен и за човечкиот ум неразбирлив начин, дејствува Самиот Господ Исус Христос, врховната Добрина и Убавина“. Ова Таинство „го ловат“ не само монасите, ами и сите богољубиви и богобарателни души. Следствено, не е тешко да се направи спој меѓу погледите и интересите на различните истражувачи на убавото и доброто, велат Ефимија и Кирил.
– Филмот практично има еден актер, кој во улога на наратор ги раскажува доживеаните чувства и моменти од неговото другарување и општење со монасите и со верниците во Манастирот. Тоа е еден од најпознатите македонски актери, инаку наш голем пријател, г. Благој Веселинов, кој и покрај многуте работни ангажмани и други обврски (впрочем, како и останатите членови на кинематографската екипа), без двоумење и со голема радост прифати да биде дел од овој филм.
Несомнено големата популарност на Благој и истовремено професионалноста со која тој и’ пристапи на задачата, му даваат една огромна тежина на филмот. Близината со монасите, особено со Старецот, го направија Благој многу повеќе од актер во докуменатрниот филм – тој стана автентичен учесник во светотаинскиот живот, дел од таа духовна приказна која нема крај, додаваат тие.
-Црквата отсекогаш ги ползувала расположливите информативни средства за ширење на благата вест за спасението, за духовно облагородување на човекот и за утеха на човештвото. Средствата за информирање сами по себе не се ни добри ни лоши – важен е начинот и целта за кои ги ползуваме. Знаете, Црквата е и авангардна. Нејзината проповед не е свртена само кон сегашноста, туку и кон иднината – кон вечноста. Таа, втемелена на божествената вечна вистина, се труди да го разбере јазикот на современиот човек и да му се обрати на тој јазик. Низ светотаинскиот живот му помага на човекот да ги живее своите мигови достоинствено и одговорно, проектирајќи ги во иднината, во вечноста. Црквата го љуби човекот, бидејќи живее и постои заради човекот, додаваат монасите.