Денеска до 42 степена, да се избегнува престој на отворено од 11 до 17 часот

by Fokus

Бремените жени и хронично болните на возраст над 60 години да бидат ослободени од работа, а градежните работници да не работат на отворено од 11 до 17 часот, се дел од препораките на Министерството за здравство што Владата ги усвои на синоќешната седница поради топлотниот бран што ја зафати Македонија.

Денеска, според најавата на синоптичарите, се очекува температурата да достигне до 42-тиот степен, а и УВ индексот ќе биде 9. Ќе дува со слаб до умерен југозападен ветер.

Поради топлото време, Владата препорачува во детските градинки да не се изнесуваат децата на отворено од 11 до 17 часот, а приватните компании да го организираат работното време за да се избегнува директна изложеност на работниците на отворено од 11 до 17 часот.

На Единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст на Република Македонија и Центрите за социјални работи во регионите зафатени со топлотниот бран им се препорачува да пружат помош на осамени стари изнемоштени лица и бездомници.

На владината седница донесена е одлука препораките да ги почитуваат и државните органи и јавните претпријатија и установи.

Поврзани новости